Борисов: Условите се тие, ако не ви допаѓаат никој не ве тера со сила во ЕУ
Бугарскиот премиер ги затвори сите дилеми за кои власта се обидува да пласира смирувачки ноти: Бугарија нема да отстапи од своите услови за да дозволи европска интеграција на Македонија, потеницраше синоќа бугарскиот премиер Бојко Борисов по завршувањето на ЕУ самитот во Загреб. Борисов дециден дека неговата земја нема да отстапува од договорот за добрососедство, според кој Македонија треба да се откаже од јазикот, македонското малцинство во Бугарија и да прифати дека дел од македонските револуционери биле Бугари.
- Ние сме европска држава и работиме по европски терк, а тоа е да работиш според документи. И кога 27 држави ќе поддржат документ во кој спроведувањето на Договорот за добрососедство е наведено како услов, ние сме ја завршиле нашата дипломатска работа.Ако некој отстапи од тој документ, при секое поглавје Бугарија може да го блокира.
Затоа, како што им реков, зависи од вас. Нашето пријателство и братство, кога требаше да им дадеме поддршка – го покажавме.
Ние кажавме какви се нашите услови, за да бидат примени во Европската Унија.
Тоа не е (по) желба, ако нешто не ти се допаѓа, никој не те кани. Немаме тема. Ако сакаат… Ние први ги поддржавме за НАТО…
Што, да излеземе и да кажеме дека сме Македонци, тоа ли да го кажеме?!
Тоа е основниот документ според кој Бугарија ќе работи за напред. Ги сакаме, ги поддржуваме, но мојот совет е да не си поставуваат невозможни услови.
И покрај јасните сигнали од Бугарија изминатиов преиод, поранешниот премиер Зоран Заев како и претседателот Стево Пендаровски тврдеа дека Бугарија нема да влијае на европерспективите на земјата, односно дека прашањето е од билатерален карактер. МНР не испрати нота и по изјавата на бугарската шефица на дипломатијата која изјави дека македонскиот јазик е западно бугарски дијалект. Екс премиерот пред некој ден во гостување на едно телевизиско интервју најави дека Македонија мора да го исполни договореното со Бугарија. Голем дел од историчарите во Македонија пак сметаат дека ако Бугарија бара да се откажеме од се и во Унијата да влеземе обезличени, тоа не може да биде пријателство, туку условувување на истото.
Катерина Гетева