Борисов и Каракачанов го пречекаа Заев во Софија- за Бугарија веќе не е само историјата проблем
Бојко Борисов и Красимир Каракачанов го пречекаа Зоран Заев во Софија. Ќе успее ли македонскиот премиер да го убеди својот колега- Бугарија да не го блокира стартот на преговорите на Македонија со Европската унија. Според пораките кои пристигнуваат од Софија, такво нешто е речиси невозможно, но Заев се уште верувал во спротивното.
-Верувам дека имаме обновен импулс и очигледна политичка поддршка за процесот на проширување и за спроведување на пристапните преговори. Треба да ја зграпчиме оваа шанса и да ја искористиме за доброто на сите граѓани, изјави Заев.
Сепак за разлика од Заев, шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева уште еднаш порача дека Бугарија ќе ја блокира Македонија и дека никој во ЕУ нема да ја притисне Бугарија да го стори спротивното.
-Јас сум многу согласна Бујар дека имаме долг кон идните генерации, но ние имаме долг и кон сегашните генерации. Мислам дека ако нема вистинско помирување и чесно со дух на добра волја. Ставање на маса и одлучување за отворените прашања, тоа помирување нема да биде можно, изјави Захариева вчера.
Захариева најави дека ќе им предложи на премиерите на Македонија и Бугарија да биде свикана меѓувладината комисија за спроведување на договорот за добрососедство. Порачувајќи дека веќе нивните забелешки не се само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8, соработката во областа на културата и образованието. Захариева порача дека напредок е постигнат само во туризмот, но и тоа пред пандемијата, што според неа не е доволно.
Матеја Петровски