Борбата со огнената стихија на Плетвар – продолжува, приведен прилепчанец, осомничен за подметнување шумски пожар

        Пожарите кои веќе четири дена беснеат на превојот Плетвар, во атарите на селата: Топлица, Ракле, Никодин и Смолани, и денеска продолжуваат да си го земаат својот данок. Во очекување на воздушната поддршка, која уште синоќа ОКШ ја побара од ЦКШ, прилепските пожарникари, припадници на Армијата, вработени од Македонски шуми, како и од јавните комунални претпријатија, кои за прв пат беа вклучени рано утрово, се обидуваат да го држат под контрола пожарот кај селото Ракле, кој од планината, во последниве часови се симнал кон селската црква, па сите напори сега се насочени кон нејзино спасување. Според информациите од теренот, пожарот кај Смолани е се уште активен и неговото локализирање со сега расположивите човечки и технички ресурси ќе биде речиси невозможно, бидејќи станува збор за крајно непристапен терен, за каде единствено може да помогне воздушната поддршка.

   Градоначалникот Илија Јованоски, утринава за Алфа ни потврди дека ситуацијата на терен е крајно серизона, заради што и тој апалираше во гаснењето на овие пожари час поскоро да се интеревенира  и од воздух. Во моментов на терен се наоѓаат околу 70-тина луѓе кои се борат со огнената стихија.

   Инаку, утринава, во 6.15 ч., во близина на Споменкот во Дабница, полицијата го лишила од слобода, 34-годишниот прилепчанец со иницијали М.Е. кој е осомничен дека вчера го подметнал пожарот во месноста Дабница, а за кое ново жаришта Алфа информираше уште синоќа. За среќа, овој пожар веќе е локализиран од страна на ТППЕ од Прилеп, а против осомниченото лице ќе биде поднесена соодветна кривична пријава од ОЈО Прилеп.

   Што се однесува до сообраќајот на патниот правец Прилеп- Градско, на кој, заради приближувањето на огнот до патот и густиот чад, синоќа имаше застој кај Топлица, денеска е нормализиран, но дали така ќе остане и во текот на денов не може да се знае, бидејќи ширењето на огнот, во зависност од ветрот и дневните температури, не може да се предвиди. 

Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста