Болните од целијакија со месеци чекаат ФЗО да им ги врати парите за безглутенско брашно

Болните од целијакија, на кои единствениот лек им е безглутенска диета, веќе три месеци ја чекаат ветената рефундација на средствата од Фондот за здравствено осигурување, откако на почетокот на годинава беа принудени од свој џеб да си го плаќаат брашното без глутен, иако истото е на позитивната листа на лекови и е на рецепт. Ова брашно во јануари и во февруари го немаше во аптеките и пациентите со целијакија мораа да го купуваат во маркетите. Приватно купено килограм безглутенско брашно чини 260 денари, а на товар на Фондот пациентите го добиваат со партиципација од 80 денари. Триесет килограми брашно, колку што Фондот признава за еден месец, ако се купат приватно чинат околу 7.800 денари. Истата количина, со рецепт чини околу 2.500 денари, односно – три пати помалку.

По нивната реакција дека лекот не им е достапен, од Фондот ветија дека ќе им ги рефундираат парите за овие два месеци.

-Безглутенското брашно набавено во месец јануари и февруари со лични средства на осигурениците, ќе можат да ги рефундираат по референтна цена на Фондот. Осигурениците во подрачните служби на Фондот треба да поднесат: рецепт, извештај од лекар специјалист или конзилијарно мислење, согласно дијагнозата, за потребата од користење на безглутенско брашно, фискална сметка и барање, соопштија во јануари од Фондот за здравствено осигурување.

Сега, оттаму за Алфа велат дека проблемот е решен, рефундацијата се одвивала тековно, како и дека нема жалби и поплаки од осигуреници до Фондот.

-Станува збор за право кое е обезбедено и кое се реализира редовно. Сите подрачни служби имаат интерни упатства како да се реализира рефундацијата. Фондот нема информација ниту поплака дека некое осигурено лице има проблем со рефундирање на средства. Доколку сепак, било кое осигурено лице од било која причина има потешкотии во реализацијата на рефундација на средствата, ќе замолиме да се јави до ресорната подрачна служба, или да поднесе претставка до Фондот за да може да се провери дали станува збор за нецелосна документација или нешто друго, велат од ФЗО.

Дел од осигурениците што се соочуваат со ваков проблем, а сакаа да останат анонимни поради страв од притисоци, велат дека од февруари досега, по неколку пати и лично се обратиле до Фондот, а по „шетање“ од канцеларија до канцеларија, минатата недела им било кажано дека проблемот е административен. Пари имало, а зошто не се исплатиле, на службениците во ФЗО не им било познато.

Целијакија е автоимуно заболување кое се манифестира со тоа што организмот не поднесува глутен, а за да можат болните нормално да функционираат треба да јадат безглутенска храна.

Сања Трајковска Ставров