Болниците се полнат, повторно високи бројки на заразени и починати

Преполни болници, преморени доктори, здравствени работници на работ на издржливоста, исплашени пациенти, турканици за прегледи, чекање со денови за тестирање. Третиот бран на корона вирусот го доведе до колапс македонскиот здравствен систем кој и така беше преоптоварен од цело-годишната битка со пандемијата. Лекарите кои работат со ковид пациенти предупредуваат дека состојбата станува од лоша, полоша. Хаосот во клиниките стана секојдневие, а капацитетите во дел од ковид центрите се веќе пополнети.

Очигледно третиот бран е веќе започнат, имаме поголем притисок за прием на пациенти, поголем број на хоспитализации, поголем број на потешки пациенти, притисокот не е само во Скопје, туку и во внатрешноста. Главно кај нас колегите од интерно се главен двигател третирање на ковид пациенти успешно некако се организираме и менаџираме меѓутоа имаме огромен притисок – вели др. Владимир Ристовски.

Најголемиот проблем во моментов е што граѓаните се жалат дека мака мачат да дојдат до болнички кревет, иако здравствените власти уверуваат дека слободни легла има. Во Скопје, речиси полна е болницата 8 септември, а веќе снемува кревети дури и во модуларната болница на Инфективната клиника. Луѓето сведочат како со брза помош се пренесени до болница, но од таму биле враќани дома, оти немало место да ги хоспитализираат. Во моментов официјално во болниците има околу илјада пациенти, а само 290 слободни кревети. Загрижува фактот што според неделниот извештај на ИЈЗ, од 1 до 7 март има зголемување на бројот на заразени од 23 отсто во однос на минатата недела. 

И пунктовите за тестирање се преоптоварени. Лекарите велат дека тестови има, но не може да се постигне. Поради порастот на новозаразени и суспектни на вирусот, зголемен е бројот на лица кои сакаат да се тестираат. Граѓаните пак критикуваат дека за пцр тест на државно, се чека дури и по две недели. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста