Болниците низ Македонија преполни со ковид пациенти, почнаа да се полнат и модуларните болници

Ковид хаос во Македонија. Нема слободни болнички кревети ни за лек. На ред се резервните капацитети кои забрзано се полнат.Инфективната клиника веќе нема слободно место, спасот сега се бара во модуларната болница која ги прими првите 15 пацинети.

-Јас можам да кажам со која динамика ќе ги исполниме комплетните капацитети. Динамика е на исписи и приеми , така да не можам да предвидам од овој аспект со каква тежина ќе се развиваат клиничките слики и колкава потреба од хоспитализација ќе имаат пациентите кои се хоспитализирани. Секако имаме во 8ми септември дополнителни капацитети, имаме и други болници каде што би можеле да мобилизираме нови капацитети, изјави Милена Стефановиќ, директор на Инфективната клиника.

Загрижува и состојбата во ковид центрите во внатрешноста. Во Велес драматично. За 24 часа починаа четири ковид позитивни лица. Капацитетот во велешката болница е исполнет, се размислува Физикалното одделение да се пренамени за пациенти со Ковид19.

И на инфективното одделение од кумановската болница не е поразлично. Таму  веќе со недели нема слободен кревет. Сега, се прават напори за трансформирање на одделот на психијатрија за потребите на ковид заболените. Во меѓувреме, кумановскиот хирург д-р Драган Тасевски ја изгуби битката со коронавирусот.

Особено загрижува  и состојбата во источниот регион.Расте бројот на граѓани кои со симптоми или потврден коронавирус во болница заршуваат со тешка клиничка слика. Директорот на штипската болница Ален Георгијев аларамира дека од вкупно 50 хоспитализирани, половината се на кислородна поддршка.

Дојдоа луѓе кои што имаа многу тешка клиничка слика, тн. респираторна инсуефициенција, каде не може организмот со тоа ниво на кислород во крвта да ги оддржи сите витални органи во организмот, и тоа е многу тешка клиничка состојба и скоро секогаш завршува многу фатално со тој пациент, вели Ален Георгијев , директор на штипската Клиничка болница.

Инаку, Штип и Свети Николе остануваат на врвот како градови со најголем број регистрирани случи на 100.000 жители, а високо според бројот на заболени котираат и Кочани, Делчево и Берово.

Порастот на бројката на новозаболени ги исцрпува капацитетите  и во охридската болница. Слободни има уште три кревети, од болницата прават планови да биде ставено во функција и хирируршкото одделение.

За еден ден,пополнети се нови девет кревети и на инфективното одделение во битолската болница.

И покрај тоа што сите експерти предвидуваа комплицирање на здравствената криза во есенските месеци, Владата се одлучи есенскиот бран да го дочека со постоечките капацитети.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста