Болниците се гушат со ковид пациенти – министерот тера партиска кампања

Македонија руши рекорди по бројот на заразени и починати од корона вирусот, а ресорниот министер си тера партиска кампања. Откако вчера, на официјалната фејсбук страна на министерот за здравство Венко Филипче, осамна видео спот за кампањата на СДСМ „Можеме“, социјалните мрежи „зовреа“. Граѓаните се револтирани – прашуваат со кое лице министерот, кој ќе остане запаметен по најголемата смртност од ковид 19 во регионот, снима партиски спотови додека пациентите умираат во болниците? Бараат одговорност и оставка.

„Дај си оставка, остави политика. Гледаш како ни е состојбата со вирусот, па уште се фалиш, најлоши во свет сме во моментов“.

„Речиси 200 заболени, смртни случаи еден куп, здравствените работници со последни сили и вас ви дојде до кампања… ова е големо непочитување кон сите нас…“

„Со овие објави ја губиш довербата кај народот“

„Ова е потврда дека не ги заболе за народот, туку за функциичка“, се само дел од реакциите на социјалните мрежи, по објавениот партиски видео спот.

Филипче, пак се правда, вели оти немал партиска агенда за изборите, а на теренските активности бил за промоција на изборната програмата оти тој ја пишувал. Спотот го снимал надвор од работно време.

„Немам партиска агенда за оваа кампања. Вчера бев во Штип и таму се промовираше кампањата за избори. Меѓутоа јас таа кампања ја пишував заедно со тимот и сметав дека е најсоодветно да јас ја претставам пред граѓаните. Во таа смисла и видеото, сите овие активности ги правам надвор од работно време“, вели министерот.

Во меѓувреме, од Светската здравствена организација само пред три дена ни порачаа оти состојбата со вирусот во земјава е загрижувачка. Земјава речиси еден месец бележи троцифрени бројки на ново заразени, а бројот на починати се приближи до 300 или близу 5 отсто од вкупниот број на заболени што е најголема стапка на смртност во регионот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста