Болничките капацитети максимално исполнети – за можни нови рестрикции ќе се одлучува следната недела

Болниците преполни – докторите и сестрите преморени, здравствениот систем едвај преживува.Со 63 приеми само во изминатото деноноќие капацитетите во главниот град веќе се исполнети. Здравствените власти најавуваат дека ако има потреба ќе се отворат и два дополнителни оддели со капацитет од 50 легла на Клиниката за пластична хирургија и на Клиниката за торакална хирургија.

Нема слободни места на Интерните клиники и на Инфективна. Дополнителен капацитет за прием на пацинети со ковид-19 се подготвува и на Клиниката за кардиологија, каде за болните ќе бидат обезбедени 50 кревети.

Покрај ваквата аларматна состојба со бројот на заразени и хоспитализирани пациенти, здравствените власти ќе ги чекаат ефектите од полицискиот час.  Доколку не дадат резултат сегашните мерки,  тогаш ќе има нови рестрикции. Следно можно сценарио  е зголемување на полицискиот час и скратување на работата на угостителите.

„Денес имаме бројка на новозаболени под 1000, значи помалку во однос на вчера и очекуваме така да продолжи. Овие мерки го даваат резултатот во првите десет со четиринаесет дена, ќе ги анализираме податоците. Спремни сме да препорачаме и дополнителни мерки, но сметаме дека не се потребни. Одлука ќе носиме в понеделник“, рече министерот Венко Филипче.

Последните бројки покажуват дека во земјата на болничко лекување поради Ковид-19 има дури 1 224 пациенти.Од нив, 520 се во главниот град, а останатите 704 во внатрешноста.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста