Боки 13 вели имал понуда да биде ослободен

Боки 13 имал понуда да биде ослободен, доколку кажел дека Катица Јанева била виновна за „Рекет“ и дека пари земала Фросина Ременски, ова денеска во судот го тврдеше Бојан Јовановски, кој побара притворот да му биде заменет со поблага мерка за обезбедување присуство. Неговиот адвокат Сашо Дукоски вели повеќе немало преостанати околности за негово задржување во Шутка. Јовановски вети дека ќе присуствува на рочиштата и нема да го кочи процесот.

-Мојата здравствена состојба стана шпанска серија каде што се руши моето достоинство. Во оваа ситуација дојде човек да биде среќен да се разболи за да добие поблаги мерки, кажа Јовановски во судот.

Во судница во неколку наврати дојде до препукувања меѓу одбраната и обвинителката Вилма Рускоска, која жестоко се спротивстави на барањето за укинување на притворот на Боки 13.

-Полицијата не го најде обвинетиот во библиотека, го најде на граница при обид за бегство. Затоа се противам на какво било размислување за укинување на притворот, кажа Рускоска во судот.

Со денешното рочиште започна изнесувањето на доказите на одбраната. Прв беше сведокот на Боки 13, адвокатот Васил Димишков, брат Лидија Димишкова  судијката која му определи притвор на Орце Камчев. Тој пред судот кажа дека имал средби и со Зоки Кичеец, како и со брачниот пар Камчеви. Откако бил притворен бизнисменот, Димишков тврди дека добил понуда да биде дел од адвокатскиот тим на Камчев, но дал финансиска понуда која знаел дека нема да биде прифатлива, бидејќи проценил дека целта е неговата сестра да биде изземена од случајот „Империја“. Адвокатот на Јовановски, Сашо Дукоски изрази задоволство од сведочењето на Димишков.

-Тој ја исполни обврската што треба да ја исполни еден сведок, односно ја кажа вистината за целиот овој кривично правен настан, изјави Дукоски.

Обвинетата Катица Јанева денеска повторно побара пред јавноста да бидат презентирани снимките кои во судница беа објавени без присуство на медиумите, што беше одбиено од претседателката на Судечкиот совет, Васка Николовска Масевска. По крајот на рочиштето судијката ги повика новинарите на кафе средба во судот, каде беа поставувани прашања за случајот „Рекет“. Николовска Масевска беше запрашана околу тврдењата на Вице Заев дека не е вистинит доказот во судот, каде се гледа како тој седи во кафуле со Зоки Кичеец. Таа вели не го познавала братот на екс премиерот, па не можела тврди дали е или не е тој.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста