Боки 13 со шокантно писмо од Идризово – Заеви му се заканувале дека ќе биде убиен!?

Премиерот во заминување, Зоран Заев и неговиот брат сакале да го ликвидираат Бојан Јовановски алијас Боки 13. Заев бил главен актер на манипулации, местење тендери и изборни резултати, рекетирање бизнисмени, бил поврзан со повеќе лица од криминалното подземје, вршел злоупотреба на медиумите за владините потреби,  а според Боки 13, Заев имал директна поврзаност и со случајот „Рекет“. Од затворот Идризово, Јовановски во една недела го испраќа второто писмо, овој пат со обраќање директно до премиерот Зоран Заев.

Одговорете и на јавноста колку бизнисмени изрекетиравте уште пред да станете премиер со проектот ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА кога ги пуштавте таканаречените бомби?!?! И тогаш селективно пуштавте бомби, оние бизнисмени што ви платија не ги пуштивте јавно и не ги предадовте нивните снимки во тогаш формираното СЈО!!! Сакате пример со доказ, еве ви пример повелете… Лицето Силјан Мицевски бизнисмен од Битола наводно измамен од мене во случајот Меѓународен Сојуз, но за тој случај ќе се објасниме во друга прилика. Бил прислушкуван и за него имало многу снимки од различен карактер. Вие стапувате во контакт со споменатиот Мицевски преку Александар Кирацовски и во име на партијата му барате пари за да не ги објавувате спорните снимки (па затоа објавувате само една каде зборува со Чинговски за изборен процес)– пишува Бојан Јовановски во писмото.

Јовановски тврди дека 250 илјади евра бизнисменот Силјан Мицевски му дал на Заев со цел да се заштити. Но ова не била единствената транша од Мицевски за Заев, за што Боки 13 гарантира дека има докази во својот телефон. Освен што плаќал, бизнисменот се жалел дека попусто ги дава парите бидејќи не добива ниту еден тендер во РЕК Битола. Потоа, како што пишува Јовановски, Мицевски конечно добил тендер а Вице Заев за ова му побарал рекет. Парите од Мицевски за Вице Заев биле предавани во невладината на Јовановски, Меѓународен сојуз.


Вакви слични примери има со повеќе лица и компании, добро знаете каде и кого се пустошевте како што милувате да кажете ЗА ТИЕ ПУСТИ ПАРИ! А да, Силјан му даде и на Александар Кирацовски тогаш генерален секретар на СДСМ едно убаво плико полно со евра како знак на благодарност за тендерската документација и позитивната одлука на тендерската комисија. Го уништивте човекот!-стои во писмото на Јовановски.

Јовановски во отворено писмо на седум страни открива и скандали поврзани со  Драги Рашковски, Жарко Луковски, Зоран Милевски-Кичеец, Ана и Орце Камчеви како и со Горан Николовски Џони. Боки 13 го обвинува Заев и за згаснувањето на Специјалното Јавно обвинителство на Јанева, како и за местење на изборните резултати за претседателските избори во 2019 година. Јовановски преку неговиот адвокатски тим потврди дека сака да зборува за случајот „Рекет“ и обвинувањата од негова страна кон повеќе функционери. Алфа телевизија се уште чека на одобрение од Управата за санкции и затворот Идризово.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста