Боки 13 се почастил- два дена откако ги земал парите од Камчев на шопинг потрошил 148 илјади евра
Невработениот студент Боки 13 на шопинг во Италија потрошил над 148 илјади евра, и тоа само два дена откако ги земал парите во Луј Витон торбата од домот на Орце Камчев. Презентирајќи ги материјалните докази, Обвинителството приложи и сметки од шопингот на скапа брендирана гардероба во Милано.
Во периодот додека бизнисменот бил во притвор, токму на таа тема, Боки 13 разменувал пораки со пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски, која е осомничена во случајот за Меѓународниот сојуз. Во една од пораките таа на Јовановски му ги реди имињата на апелационите судии кои требале да одлучуваат за притворот на Камчев.
-Моите информации велат дека утре Апелација ќе одлучи за притворот на Орце, му пишала Ременски на Боки 13.
-Не, и вратил Боки 13 на Ременски.
-Дај боже, завршува Ременски.
Во Кривичен се пуштија и снимките од домот на Орце Камчев, каде се гледа дека на 20-ти февруари, кога според обвинението, Боки 13 и Зоки Кичеец ги земале парите од Камчев, во неговата куќа тие се задржале 36 минути.
Првообвинетиот пред судот се пожали дека боледува од рак на желудникот и поради тоа, не може да го следи судењето. Пред да започне рочиштето тој искористи шанса да испрати клетви кон обвинителката Вилма Рускоска, бидејќи не му дава позитивно мислење за да биде пуштен од Шутка во куќен притвор.
-Што се смееш на малигнозна состојба? Господ нека ти врати! Вршиш тортура врз мене и тоа сите го гледаат, порача Боки 13 на Рускоска.
Неговиот бранител, Сашо Дукоски ја презентираше дијагнозата која пред два дена ја добил Јовановски. Адвокатот вели јасно е дека неговиот клиент со ваква здравствена состојба не може да го следи судењето.
-Земени се осум парчиња за анализа, утврден е карцином односно рак на желудникот. Кој што сака нека мисли, ова е од референтна установа издадено, а обвинетиот видовте и денеска не е во состојба да го следи судењето, изјави Дукоски.
Покрај пoраките со Ременски, во судница беше презентирана и комуникација на Јовановски со Катица Јанева, Орце Камчев и Дејан Панделески, син на обвинетиот во „Империја“ Цветан Панделески. Во порака на Ватсап, Камчев на Боки 13 му се жали дека обвинителката Лиле Стефанова „не мирувала“. Во разговор пак меѓу обвинетите, Јовановски на Катица Јанева и праќа фотографии од мебел и прашува дали одбрала. Дејан Панделески пак од првообвинетиот во „Рекет“ бара да види за неговиот татко, кој како и Камчев е осомничен во случајот „Империја“ на СЈО. Во разговорот меѓу Панделески и Боки 13 се споменува и една банка како и суми на пари.
Матеја Петровски