Боки 13 против Заев: Јовановски кандидат за лидер- ќе се води под мотото „декриминализација на СДСМ“
Боки 13 кандидат за лидер на СДСМ, ќе се справувал со криминалот во партијата. Како што неофицијално дознава „Плусинфо“, осудениот за „Рекет“ ќе биде противник на Зоран Заев, на конгресот на 21 март. Се шпекулира дека мотото на кампањата што ќе ја води Бојан Јовановски, ќе биде „Декриминализација на СДСМ“.
Веста за планот на Боки одекна како бомба во јавноста, но блиските околу него решија засега да молчат. Алфа се обиде да добие став од луѓе блиски на Јовановски, но засега молк. Ниту потврда но ниту демант на веста.
Дека во редовите на СДСМ имало криминал главниот во рекетот предупреди уште во судница, кога ја слушна првостепената пресуда за „Рекет“. Боки 13 тогаш порача рекетираните пари во Македонија да ги бараме кај браќата Зоран и Вице Заеви.
-Јас овој ден ќе го прогласам како ден на политичката кампања во Македонија, донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте кај Зоран и Вице Заеви, не кај Бојан Јовановски, кажа Боки 13 пред судот.
Премиерот Заев своевремено важеше за блисок на Боки 13. Јавноста се изнагледа слики од нивни заеднички средби, дури и во премиерскиот кабинет. Но сепак, по обелоденувањето на скандалот со рекетот, Заев го промени мислењето за довчерашниот пријател, па дури и почна јавно да го навредува.
-Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата еден педер, да ја симнат оваа Влада од власт, не!, порача Заев пред две и пол години.
Дека има политички амбиции Јовановски кажа уште во мај минатата година, во текот на судскиот процес за „Рекет“. Тврдеше дека целта му е да биде претседател на Македонија, кој ќе го надминел дури и Јосип Броз Тито.
-Би сакал судот да ми овозможи да имам право, да испраќам соопштенија до јавноста, кои ќе ги пласирам преку вас, и да не ме цензурирате. Јас со овој предмет немам забрана за вршење на каква било политичка дејност. Целта ми е сите политички малверзации во оваа држава да ги посведочам за да станам лидер на нова европска Македонија, кажа Боки 13 пред судот.
Бојан Јовановски е првостепено осуден на 9 години за случајот „Рекет“, а во моментов поради здравствени причини казната не ја издржува во затвор, односно се наоѓа во домашен притвор.
Матеја Петровски