Боки 13 продолжи со поднесување кривични пријави против високи државни функционери

Околу 30тина луѓе, меѓу кои најверојатно има и високи државни функционери, политичари, јавни личности и сведоци се дел од кривичните пријави кои денеска Боки 13 ги поднесе во обвинителството. Засега се поднесени 7 или 8 пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, давање на лажен исказ, противзаконито влијание,…во врска со луѓе инволвирани во случајот Рекет и Меѓународен сојуз.

Адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски не кажа за кои луѓе станува збор, не спомена имиња оти не смееле да се откриваат.

-Најмалку 30 лица и поради сериозноста на наводите во кривичните пријави, од страна на пријавителот беше побарано непосредно вклучување на најрелевантните меѓународни институции на човековите права, особено на најрелевантните светски амбасади кои што имаат свои дипломатско конзуларни претставништва во Република Македонија, заради содржината на тоа што се пријавува, изјави Дуковски.

Во пријавите има и такви кои се за прекршување на човековите права на Јовановски.

Осудениот за Рекет, претходно беше во Обвинителството на 25 јуни, но тогаш не успеа да заврши со поднесувањето на пријавите, па записникот останал отворен, по што му беше закажан нов термин за денеска.

Претходно истиот ден адвокатот на Боки 13 добил телефонски повик од непознат човек преку кој била испратена порака до Боки 13 која гласела „таму кај сте што нека не лае многу, нека не збори многу“. Дуковски вели дека го пријавил случајот во МВР.

-Поднесов кривична пријава против непознат сторител за загрозување на сигурноста и спремен сум да соработувам во Обвинителството, со Обвинителството во секој момент за секоја понатамошна постапка која што ќе го интересира Обвинителството во врска со тоа јавување во 10 часот и 50 минути или 55 минути, пред да биде донесен, изјави Дуковски.

Јовановски денеска Шутка беше спроведен во Обвинителството, каде детално ги објаснуваше делата поради кои бара кривичен прогон за повеќе луѓе. Ова го најави уште по изрекувањето на пресудата за „Рекет“, кога порача- рекетираните пари во Македонија да се бараат кај браќата Зоран и Вице Заев.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста