Боки 13 до Русковска: Ова девијантно алкохолизирано обвинение- започна „Меѓународен сојуз“

Ова е девијантно алкохолизирано обвинение, и порача Боки 13 на обвинителката Вилма Русковска, на стартот на судењето за Меѓународен сојуз. Ова дојде откако според зборовите на Јовановски, обвинителката го етикетирала како девијантно криминален ум. Рускоска вели дека не прецизирала на кого мисли со тие зборови, а за Јовановски кажа дека не било прв пат да се служи со лични квалификации.

-Тој е обвинет. Мене прво ме направи корумпиран обвинител, па со ништо не успеа тоа да го докаже. И секакви квалификации користи што стварно не му доликуваат. Јас никого досега, ниту во „Рекет“, ниту во овој предмет, имам намера лично да навредувам, изјави Русковска.

Рускоска порача дека имала цврсти докази дека сите пет обвинети ги сториле кривичните дела, иако ниту Боки 13, Миле Јовановски, Фросина Ременски, Јасна Ерцеговиќ Мандиќ и Христина Блажевска кажаа дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на терет. Русковска кажа дека имала докази дека Бојан Јовановски на криминален начин земал пари од бизнисмени, 719 илјади евра од Силјан Мицевски, а речиси 234 илјади од Ардијан Амзоски. Според Сашо Дукоски овој предмет би можел да биде за пред Граѓанскиот суд, а никако пред Кривичен.

-Ова е чист должничко- доверителски однос. Дали знаете колку бизниси, еве најобичен бизнис за испорака на стока, не се случило. Платени се парите, не се случило и што е сега тоа измама ли. За никаква измама тука не станува збор, изјави Дукоски.

Иако не стигна да ги даде своите воведни зборови пред медиумите застана Фросина Ременски, која кажа дека не виновна за кривичното дело измама. А запрашана дали имала средба со бизнисмените Мицевски и Амзовски реши да ги нападне новинарите.

-Генерално ако сакате да ви одговарам прашања нарачани од Јавно обвинителство, мислам дека тоа ниту е фаза во самата судска постапка, ниту пак е контекст што е за мене веродостоен, а е срочен во една реченица на Јавното обвинителството, изјави Ременски.

Во судницата на два пати му се слоши на таткото на Боки 13, обвинетиот Миле Јовановски, поради што дојде и екипа на брзата помош. Влошената здравствена состојба на Јовановски, беше и причина да се прекине рочиштето, кое ќе продолжи во четврток, кога Боки 13 ќе продолжи со изнесувањето на воведните зборови, кои не успеа да ги заврши денеска. Миле Јовановски кажа и дека воопшто не разбира за што бил обвинет, а го нападна Обвинителство дека 60 години се обидувале да го направат криминалец.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста