Бојкотот на наставата против реформата за дигитализација продолжува, за недела најавен протест

Училишта со полски тоалети и без вода, училишта во кои децата збираат пари за креда, родителите за течен сапун – таму е невозможно да се спроведат реформите на Мила Царовска – алармира воспитувачката Драгана Спасевска која стои зад граѓанската иницијатива против електронски учебници. Бојкотот на наставата од страна на учениците продолжува и денеска, а доколку од ресорното министерство не одговорат на барањата, во недела следува протест.

Доколку немаме повик од МОН за да оствариме средба, ќе организираме протести и ќе одиме понатака. Мора да се донесат здрави реформи по мерка на ученикот – вели воспитувачката Драгана Спасевска.

Фронтот за одбрана на досегашните стандардни учебници се шири а револтот за сега се изразува преку бојкот. Спасевска вели дека иако на почетокот на учебната година децата многу изгубија поради неподготвеноста на институциите да донесат одлука дали ќе се учи онлајн или во училиште, тогаш никој не се бунеше. Сега пак, коментира, за два дена пропуштена настава, учениците се соочуваат со многу притисоци. Она што најмногу револтира, според Спасевска, е некомпетентноста на луѓето кои ќе ги спроведуваат реформите. За да се направат одредени промени во образованието, треба да се консултираат и советите на родители во училиштата. До сега, во ниту едно училиште, немало состанок на родителите по тоа прашање.

Ниту едно училиште не свикало родителски состанок со сите членови, за да ги извести родителите за најавените реформи – вели Спасевска.

Родителите преку граѓанската иницијатива јасно ги истакнаа своите барања кои вклучуваат стопирање на постапката за законот за дигитализација на учебниците, кој закон надлежните сакаат во собранието да помине со европско знаменце, јавна дебата за законот со учество на стручни лица, како и родителите конечно да бидат вклучени во важните промени во образованието.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста