Бојаџи за извештајот на Стејт Департментот: Вистината која и да e, каква и да е секогаш си го наоѓа местото

Извештајот на Стејт Департментот е само потврда за притисоците со кои Алфа се соочува веќе подолго време, вели директорот на телевизијата, Јани Бојаџи. Тој изрази задоволство што во делот посветен за слободата на медиумите се потенцираат и притисоците што власта ги прави врз медиумот.

-Вистината која и да е каква и да е секогаш си го наоѓа своето место. Ете и нашата вистина полека си го наоѓа своето место. Драго ми е што од друга страна тоа ќе помогне, не толку за да попуштат притисоците кон нас, туку публиката воопшто да има едно сознание дека ние сме еден од најслободните медиуми во Македонија. Јас и очекував поддршка од САД, ние како земја и нашата телевизија припаѓаме на тој слободен западен свет, изјави Бојаџи.

Инаку Стејт департментот во делот посветен на слободата на медиумите, односно критиките за влошување на состојбата, наведува дека во 2021-та, годината на која се однесува извештајот, „Скопското јавно обвинителство поднесе обвинение за даночно затајување против компанија која наводно е сопственик на ТВ Алфа и тоа за данок на приходи од далечната 2013-14 година“.

Американците нотирале дека ТВ Алфа се пожалила на притисоците кои се вршат од страна на финансиската полиција, од министерството за внатрешни, но и од јавното обвинителство за организиран криминал.

Инаку алфа веќе подолг период се соочува со суптилни и не толку суптилни притисоци поради тоа што е една од ретките телевизии која не е под контрола на власта и важи за еден од главните критичари на нејзините штетни политики. телевизијата често е домаќин на различни инспектори, истражители, обвинители. Но и покрај сите проверки и чешлања на документацијата со години, досега не успеаа да најдат ништо неправилно и незаконско во работењето.

Неретко  и највисоките функционери на власта не штедеа зборови за да испратат дека Алфа е медиум кој им е трн во окото и чие известување не е по вкусот на луѓето од канцелариите на Владата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста