Бочварски не чувствува одговорност што не се спречи изградба на висококатници кај „Холидеј ин“

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски не чувствува одговорност што не се спречи планот за изградба на висококатници на паркингот спроти „Холидеј ин“ во центарот на Скопје. Тој вели дека била формирана стручна комисија и дека Министерството немало надлежност да блокира или стопира урбанистички планови, туку дека тоа е надлежност на локалната самоуправа.

Министерот посочи дека ѝ кажале на Општина Центар дека мислењата од стручната комисија при Министерството, која елаборатите за суспензија ги оцени како „промашени“, не се обврзувачки и дека крајната одлука ја носи Општината. 

  • Министерството за транспорт и врски не носи детални урбанистички планови во Центар, ниту суспендира детални урбанистички планови во која било општина. Тоа исклучиво го прави општината со Советот на општината. Не случајно кажавме дека Општина Центар има можност сама доколку смета да си донесе одлука каква што треба да донесе. Исто така, не мора која било општина да тргне во насока на супензија на одредени планови за да блокира нешто, туку може во кој било момент да започне постапка за преработка, доработка или нов урбнанистички план на таа локација, рече Бочварски, додавајќи дека ова и било предочено на Општина Центар.

Бочварски посочи дека требало точно да се лоцираат штетите по јавниот интерес, а на прашање дали градоначалникот на Центар ја замајувал јавноста, министерот рече дека тој има свои ингеренции и со тоа можел да делува во изминатиот период со Советот на општината.

  • Тие носеа серија на одлуки, вклучувајќи ја и онаа за мораторумот на плановите во Општина Центар, така што тие се бореа во однос на ова прашање, но по одлуката на Уставниот суд за стопирање на ваквата постапка за мораторумите, беше јасно дека сите урбанистички планови се во сила. Така што, апсолутно не би сакал да навлегувам во постапките на Општина Центар. Тоа се нивни одлуки, одлуки кои треба да се дискутираат во Советот на Општина Центар за тоа што е најдобро за граѓаните на Центар, рече Бочварски.

Инаку, стручната комисија при Министерството за транспорт и врски пред еден месец утврди дека Општина Центар ги промашила елаборатите за суспензија, односно наместо да бара суспензија за конкретни спорни локации, Општината побарала суспензија на цели детални урбанистички планови.

Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ пак, е на став дека по ова мислење, Општината нема основ да бара стопирање на планот и дека веќе нема никаква пречна да почне да се гради.

Изградбата на висококатниците во центарот на Скопје е предвидена со Деталниот урбанистички план од 2012 година.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста