Блокираните евроинтеграции се лош сигнал за македонската економија

Фијаското со ЕУ преговорите испраќа лош сигнал за македонската економија. Стопанствениците се загрижени и стравуваат од натамошно забавување на економската активност. Според Миле Бошков, блокадата на преговорите со ЕУ може да нанесе дополнителна штета буквално во сите сектори кои едвај некако застанаа на нозе, силно погодени од пандемијата. Апелира на сериозност оти цехот би чинел прескапо.

  • Ова фијаско е заедничка одлука, но и состојба. Ние не се подготвуваме доволно добро, а и тие не сакаат да не примат неподготвени. Така да, не само во економијата, туку и во сите сфери имаме фијаско, кое најмногу се одразува врз стандардот на граѓаните, водењето на бизнис, и можноста да се отворат нови компании, што периодов станува се потешко, а тоа е зашто економијата е, но и ќе биде уште полоша, вели за Алфа Миле Бошков, од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Дополнителен проблем е што во Македонија не се решаваат крупните и клучни проблеми, како што се корупцијата и сивата економија која надминува 40%. Ова според стопанствениците е погубно за буџетот, но и за бизнисот кој работи, плаќа даноци, а добива нелојална конкуренција.

Наспроти лошите сигнали од надвор, бизнисмените предупредуваат дека не ни е сјајно ниту дома. Стравуваат дека цените на основните продукти ќе растат уште повеќе, а џебот на граѓаните ќе биде се попразен, откако владата реши од 1 јули да воведе нов еколошки данок од 3,5 денари по литар за нафтата и бензините. Тоа ќе ги зголеми трошоците на компаниите, кои ќе бидат принудени да ги покачат цените на производите, а тоа пак уште повеќе ќе ја подгрее инфлацијата која во мај беше 3%.

Дополнително што загрижува се и предупредувањата на Светска банка дека сиромаштијата ќе расте и можно е да се зголеми на ниво пред 2017 година, односно таа е под ризик да порасне двојно, од 60.000 на нешто повеќе од 130.000 граѓани. Истовремено се предупредува и од зголемување на невработеноста. Во споредба со земјите во регионот, полошо по овој основ според прогнозите на Светска банка котира само Албанија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста