„Black Friday“ – вистински ликвидации или само манипулации?!
„Сè на половина цена“, „Намалување до 60%“, „Шопинг лудило“ – и во Македонија секоја година се погласно се промовира светскиот тренд на попусти по повод „Black Friday“, но колку се тие реални?!
„Црн петок“ или само мачкање очи? Попустите кај нас иако секоја година се погласно се најавуваат, не се ни малку слични на оние од Америка, каде граѓаните буквално се тепаат да купат поевтино. Кај нас на продавниците само пишува „Сè на половина цена“, „Намалување од 20%, 30, до 70%“, „Шопинг лудило“, ама од тоа нема ништо, реагираат потрошувачите.
- Какви попусти жити се, ништо нема, 100 денари попуст е на еден телевизор?! Срамота. Ова се е, само нее Црн петок. Кај нас само лажат и тоа е, не може ништо да се прави, и нема да купуваме, кога се е само фарса, реагираат граѓаните кои се измамени од трговците.
Black Friday класично е хаотичен ден, но не и во Македонија, каде наместо да фрчат попусти на сите страни, маркетингот е пуштен на најако. Кај нас, светскиот тренд на големи попусти по повод Black Friday, никако не може да се спореди со светот, зашто евентуалното намалување ни малку не е реално, велат купувачите.
За разлика од минатата година, но и таа пред неа, годинава нема големо раздвижување во трговските центри. Онаму каде има, граѓаните излегуваа со рацете в џеб, наместо со полни торби.
Граѓаните реагираат и дека не само годинава, туку лани попустите биле лажни и само и трговците ги прелепувале цените, при што кај некои производи првичните цени биле пониски од оние намалените. Ова го потврдуваат и од Организацијата на потрошувачи, од каде што велат дека трговците често прават маркетиншки трикови за „Блек фрајдеј“.
Од Пазарниот инспекторат не одговорија на прашањето на Алфа колку трговци се казнети за манипулации со попустите. Оттаму велат дека годинава извршиле над 16.400 надзори и казниле речиси 2 илјади трговци со вкупна вредност на глобите од над 680 илјади евра.
Во светот често се случуваат стампедо токму поради долгите редици пред продавниците уште пред отворањето, а потоа и кога купувачите се фаќаат за производи кои се поевтини тој ден отколку во кој било друг ден од годината.
Борис Грујоски