Бизнисот врие, жестоки реакции за петтиот пакет мерки на Владата

Жестоки реакции од бизнисот по објавувањето на 5-тиот сет антикризни мерки. Асоцијацијата за организација на настани ИВАП е револтирана бидејќи смета дека помошта нема да ги извади од калта. Велат нивната дејност меѓу првите била забранета, кубуреле со пари една година, а помошта била определена со недефинирани услови. Едноставно немаат информации како Владата ќе одлучува кој проект да го финансира, кои настани според надлежните се од национален и државен интерес и дали ќе има селективност при изборот или пак ќе има пари за сите.

„Во мерката 11 која е наменета за нашиот сектор, се предвидени средства за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес, мерка што не претставува помош, туку реализација на програма и активности на Владата за 2021 година. Нејасно е кои се тие проекти од државен интерес, по кои критериуми ќе се одбираат проектите? Дали помош ќе добијат сите или само одбраните? Треба да се каже за кој период се однесуваат”, велат од Асоцијацијата.

За опозицијата, 5-тиот пакет мерки бил замајување на јавноста и немало да ја подобри економијата. Професорот Трајко Славески смета дека власта требала да се обврзе да набави 2 милиони дози вакцини до крајот на јули , бидејќи само така директно се помага на граѓаните, а индиректно на стопанството. Вака фирмите биле ограничени да бираат меѓу субвенции за исплата на палти или бескаматни кредити и тоа само два месеци. Според Славески, занаетчиите заслужувале поголема помош од 5 илјади евра, пологично било да се намалат давачките отколку да се одложат, бидејќи така само се пролонгирала обврската за плаќање, но не се помагало на фирмите. Тој смета дека државната гарантна шема од скромни 5 милиони евра била премала поддршка, а намалувањето на царинските тарифи требало да биде направено мнопгу порано за да се спречат огромните загуби на извозниците..

 „Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисоки каматни стапки во иднина. И овој пат, како и при промоцијата на претходните неколку пакет мерки, дел од мерките само се препишуваат од еден во друг пакет, без соодветна реализација, што укажува на нискиот капацитет на Владата за оценка на последиците од кризата и слабо таргетирање на мерките. Да потсетиме дека претходните четири пакети мерки требаше да тежат 1,2 милијарди евра, или 11% од БДП, но сепак реализацијата потфрли до тој степен што истите достигнуваат скромни 3,5% од БДП. Со еден збор, нема причина да не веруваме дека и овој пат со обемот на средства за поддршка на економијата, планирани и реализирани, ќе се најдеме на дното во Европа“ – вели Трајко Славески од ВМРО ДПМНЕ.

Хотелиерите најавија дека најверојатно голем дел од нив ќе се одлучат за субвенции за плати, бидејќи ако избереле бескаматни кредити ќе требало да поделат откази на работниците. Превозниците се среќни што Владата конечно се сетила и на нив, но не се сигурни дека помошта ќе им ги реши проблемите. Владата вчера го презентираше 5-тиот сет од 29 мерки вреден 160 милиони евра. Од нив 90 милиони се буџетски пари – 50 милиони се веќе обезбедени, за остатокот ќе с епрекројува државната каса.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста