Бизнисмените во грч, бараат навремени консултации и известувања за реформите што ќе удрат врз нивниот џеб

Бизнисмените се уште не знаат дали Владата ќе ги извести до крајот на јуни за сите реформи кои планира да ги почне од наредната година. Стопанствениците пред неполн месец побараа ова да стане пракса во иднина, затоа што имаат многу негативни искуства од зголемувањето на акцизата за дизелот, даноците, придонесите, минималната плата. Велат биле ставени пред свршен чин, и морале во 5 до 12 да ги менуваат годишните планови. Затоа бараат Владата навреме да ги известува за реформите што ќе удрат врз нивниот џеб.

Стопанствениците негодуваат и поради зголемувањето на минималната плата. Во неколку наврати напоменаа дека нејзиниот раст е предизборен маркетинг и ќе удри врз фирмите со трудовоинтензивна дејност. Додека синдикатите реагираат дека минималецот треба да порасне за 1500 денари, бизнисмените се затекнати бидејќи мислеа дека оваа ставка годинава нема да се зголемува. Инаку СДСМ во предизборната кампања во 2016-та ветуваше дека минималната плата ќе достигне 16 илјади денари на крајот на нивниот мандат.

Инаку премиерот пред два дена се пофали дека Владата собрала повеќе пари од даноци и покрај тоа што бројките се во проектираните рамки. Во првиот квартал, во државната каса се слеале 427 милиони евра од даноци, од придонеси 228 милиони, а од неданочни приходи 70 милиони евра. Само од персонален данок, каде што од годинава се воведе уште една повисока стапка од 18%, се собрани 66 милиони евра или 21% од планираното за цела година. Аналитичарите очекуваат поголема наплата на овој данок кон крајот на годинава кога се исплаќаат бонуси во фирмите.

Тања Попова