Бизнисот трие раце за евтиниот унгарски кредит – најавува нов инвестициски циклус
Бизнисмените тријат раце откако падна договор за пласман на евтините кредити од унгарскиот заем за стопанството. Проектите кои долго стоеја во фиоките сега конечно ќе можат да се реализираат со минимално задолжување. Од Сојузот на стопански комори се задоволни од условите – 1,95% кредитен ризик и 20 проценти учество за да земат кредит. Оттаму велат дека е добро што банките прифатиле да даваат кредити со рочност до 15 години, односно 3 години грејс период и 12 години рок на отплата, нешто што не е вообичаена пракса за нив. Договореното им одговара повеќе од она што првично било најавено.
Фирмите чекаат условите и официјално да бидат објавени за да можат да почнат со процесот. Се прават последните подготовки за буџетите за наредната година. За 2025-та, се најавува интензивен инвестициски циклус, како од страна на стопанството, така и од страна на државата. Компаниите ќе аплицираат за заеми за вложување во машини, основни средства, деловни згради, во обновливи извори на енергија.
Секоја компанија поединечно може да аплицира за кредит за проекти до 10 милиони евра. Секоја компанија ќе може да аплицира во деловна банка по избор, на која потоа Развојната банка ќе и ги префрли бараните пари. Владата очекува со помошта од унгарскиот заем да се покрене инвестициски бран во приватниот сектор од 300 милиони евра. Економскиот раст догодина според буџетските проекции треба да достигне 3,7%.