Бизнисот тоне, а премиерот се фали дека економијата безмалку ни цветала – луѓето едвај крпат за да преживеат

Македонската економија тоне, а власта се фали со позитивни ефекти. Бројките се поразителни по сите параметри, но премиерот излезе со позитивни оценки, па дури и со очекувања за раст на економијата годинава.

И покрај проблемите и критиките за државната помош среде криза, која стопанството редовно ја критикува како задоцнета и недоволна, Заев смета дека токму таа била главната одбрана од ударот. Ако не биле четирите пакети мерки вредни 860 милиони евра, ударот од кризата според Заев ќе бил подраматичен. Според него, владата била масимално посветена за да се избегнат негативните последици врз економијата.

  • Добрата кондиција на Буџетот во првиот квартал и позитивните трендови што се препознаваат се должат на преземените мерки, но и на довербата на деловната заедница во мерките кои овозможија стопанството да не работи во грч туку да ја следи бизнис логиката дури и во вакви услови. Треба да се има во предвид дека некои од мерките од третиот и од четвртиот пакет се уште се реализираат и можно е на крајот нивната реализација да достигне 99 отсто, рече Заев.

И додека премиерот се фали дека економската состојба била добра, стопантството предупредува дека едвај преживува. Освен фирмите во слободните економски зони, кои колку толку бележат позитивни резултати во делот на извозот, во сите други сегменти состојбата е поразителна. Најкритично е во угостителскиот сектор кој периодов е целосно под клуч, но и во текстилната индустрија. Без работа, или под закана дека ќе ја загубат работатат се десетици илјади вработени во овие сектори. Стопанствениците критикуваат дека оптимизмот на премиерот е нереален.

  • Многу е тешко да се дадат изјави дека економијата ни цвета. Не цвета, тоа сите го знаеме. Најважно во сета оваа ситуација е да не се препукуваат власта и опозицијата. Мора да знаеме дека треба да се помогне да се преживее ова. Страшна ни е состојбата и мора ние како стопанственици да реагираме со цел час поскоро да се спаси индустријата, да се спаи работникот, и да се спасат фирмите, вели за Алфа Маријана Перковска од „Текстилниот кластер“.

Во целата криза, капак на се е и фактот што домашната економија веќе три месеци е без денар поддршка од државата. Петтиот пакет мерки кој тежи 160 милиони евра е заглавен во собранието, а власта не го носи и покрај тоа што има мнозинство.

Според последните податоци, над 50.000 работници останаа на улица, а стотици бизниси ставија клуч на врата. За евентуално подобрување на состојбата, споредс топанствениците може да се зборува дури за втиората половина на годинава, но под услов да има брза и ефикасна имунизација. Засега тоа кај нас изостанува.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста