Бизнисот стагнира, фрчат откази, се затвораат фирми, граѓаните разочарани

Клуч на врата за еден куп бизниси, спогодбени откази и уште повеќе луѓе на улица. Нешто повеќе од 3.500 работници останеле без работа само во јуни, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за вработување. Пандемијата по се изгледа си го направи своето, па така најмногу отпуштања има во производствениот сектор, во трговијата, во угостителството, па и во туризмот кој буквално е на колена.

Дека економијата ни е во ќор сокак реагираат и граѓаните. Велат дека периодов многу тешко ќе се преживее.

– Лошо е, за жал. Стварно не знам што ќе се прави, но гледам дека децата немаат работа. Ќерками е стоматолог дипломиран, и еве 9 години е без работа, ова е невидено. Државата нема слух за луѓето, се жалат граѓаните пред камерата на Алфа.

Но има и граѓани кои не сакаа да зборуваат за нашата телевизија.

– Вие од Алфа сте? Да госпоѓо. Не сакам за Вас ништо да кажам, ни кажа една жена.

Од Агенцијата за вработување се правдаат дека на најголем дел од отпуштените им истекле договорите за работа. Дел потпишале спогодбен отказ, а некои сами напуштиле. Од Владата пак велат дека прават максимални напори за да се заштитат работниците, но ако се суди според бојките, не е баш така.

И додека министрите си тераат кампања тоне текстилниот сектор. Корона кризата остави голем дел од работниците на улица. Од „Гласен текстилец“ за Алфа велат луѓето постојано губат работа, бараат државата сериозно да се посвети на проблемот.

Ако корона кризата продолжи, голем број работници од туристичкиот сектор ќе останат без работа. Станува збор за близу 20.000 работници. Сите ќе добијат откази ако кризата трае до крајот на оваа година.

Претходно, околу 50 работници кои работеа на пругата Куманово-Бељаковце останаа на улица, откако компанијата „Вибе“ го раскинала договорот.

Инаку од стартот на пандемијата, заклучно со јуни, без работа останале речиси 18.500 луѓе. Најмногу откази имало мај – 7.000, во април 6.000, а 2.000 работници изгубиле работа уште на стартот на кризата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста