Бизнисот почна да ги трпи штетите од ширењето на корона вирусот

Ако короната продолжи да се шири последиците врз бизнисот ќе бидат несогледливи – алармираат бизнисмените од Балканот. Компаниите веќе трпат штети, намален е бројот на порачки, стоките тешко стигнуваат до крајните дестинации, камионите чекаат со часови на граничните премини, а туристичките агенции ги откажуваат аранжманите. Од Стопанската комора на Македонија велат дека секојдневно ја следат ситуацијата. Економијата допрва ќе претрпи ако коронавирусот се прошири во европските држави. Тогаш најмногу на удар ќе биде македонскиот извоз.

Во Црна Гора, една од двете држави на Балканот каде се уште не е забележан случај на коронавирус, веќе се забележуваат првите штети. Голем број на крузери овој месец нема да се укотват во пристаништето во Бар. Туристичките аранжмани за летната сезона засега не биле откажани, но ако вирусот се прошири и во оваа држава, бизнисмените стравуваат дека ударот врз овој сектор ќе биде огромен, а државата ќе треба финансиски да помогне за излез од кризата.

„За оваа година беше договорен влез на 550 крузери со 700 илјади патници. Во наредниот месец ќе нема влез на бродови. Тоа се веќе сериозни економски штети. Откажани се и авиолиниите. Се надевам дека во туристичката сезона ќе влеземе без опасноста од коронавирусот. Засега не се откажуваат аранжмани. Јас видов дека во Италија нивната влада веќе реагираше и одвои пари за нивниот туристички сектор. Ние се уште немаме таква потреба, но ако има, Владата треба навремено да реагира и да ика разбирање за туристичките работници“ – вели Властимир Голубовиќ, претседател на Стопанската комора на Црна Гора.

Во Србија, поради коронавирусот, досега се откажани 80% од туристичките аранжмани во февруари и март, особено оние на туристи од Кина, но и од други земји. Во Албанија во лоша состојба се чевларската и кожарската индустрија, бидејќи прекинато им е снабдувањето со суровини, а главно извезуваат во Италија. Регионалните берзи денеска се стабилизираа, по огромниот пад во последните неколку дена.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста