Бизнисот не сака недела да биде неработен ден

Бизнисот остро против тоа недела да биде неработен ден за работниците. Ќе имале намален промет, ќе им се зголемеле трошоците, некои ќе пропаднеле, ќе се делеле откази, ќе се трупале залихи, ќе се одврателе странските инвеститори од идни вложувања, ќе немало капитални инвестиции. Ова им се само дел од аргументите зошто не сакаат да ги остават вработените да „здивнат“ макар еден ден неделно.

„Едноставно, вие на животните не можете да им кажете во недела да престанат да даваат млеко“, рече Ѓорѓи Петрушев „Млекара“ АД Битола.

„Најголем дел од овие компании работат по два дена прва смена, па два дена втора смена, па два дена трета смена“, рече Виктор Мизо „Костал Македонија“ Охрид.

Бизнисмените се правдаат дека и досега плаќале за работа во недела, во смени или ноќе. Уверуваат дека имаат разбирање за семејниот живот на работниците, иако е нејасно како луѓето можат воопшто да поминат квалитетно време заедно, ако родителите се зафатени речиси секој викенд, а имаат слободни вторник и среда на пример кога децата се на училиште. Газдите немаат ништо против засилени инспекции, но некои се против идејата да плаќаат двојно за работа во недела, бидејќи работниците добивале два слободни дена во текот на работната седмица..

„За нас е апсолутно неприфатливо применувањето на плус додаток на плата за работа во недела, од причина што веќе даваме слободни денови во било кој дел од неделата“, рече Кристина Самарџиева, „Еуроникел Индустри“, Кавадарци.

Се побунија и обложувалниците. Имало премногу натпревари во недела, па не можело да се уплаќа заклучно со саботниот ден. Ако не работеле во недела, ќе пропаднеле.

Синдикатите со години алармираат на масовно кршење на работничките права. Не е тајна дека илјадници работници добиваат плата во плик, враќаат дел од парите на рака на газдите, не земале К-15, имаат плата под законскиот минимум или не им се исплаќа за прекувремена работа. Најпогодени се вработените во текстилниот сектор, угостителството, градежништвото, прехранбената индустрија.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста