Бизнисот колабира, владата козметички интервенира

Бизнисот сардисан од сите страни, а Владата ни дава трошки – бизнисмените разочарани од првичниот сет мерки на властите. Фирмите немаат пари ниту да исплатат нето плати на работниците, а камоли персоналец и придонеси – велат тие. , Наместо субвенционирање на плати и пролонгирање на плаќање даноци, добиле само минимум од она што го побарале. Фирмите веќе почнале да делат откази, суровини нема доволно, производството трпи. Бизнисмените под итно бараат втор сет мерки кои вистински ќе му помогнат на стопанството во криза.

„Хотелиерите со над 150 соби, со над 200 вработени, значи загубите се огромни, значи еден хотел кој ги има отпуштено сите вработени, има трошоци над 150 илјади евра за плата, придонеси од друга страна, рати на банки од трета страна, значи од сите страни се компаниите навистина во лоша состојба“ – вели Неби Хоџа од Стопанската комора на северозападна Македонија.

Првичните штети врз најпогодените сектори – туризмот, угостителството и транспортот, но и врз другите гранки ќе се знаат во наредните неколку дена. Ударот допрва доаѓа за странските компании што работат во индустриските зони. Некои од нивните европски партнери од автомобилската индустрија почнале да ги затвораат времено фабриките, па наскоро и тие ќе останат да работат со минимум капацитет. Бизнисмените алармираат државата сега да ја спаси економијата, за потоа стопанството да го полни буџетот.

„Домашните компании што уште работат, не значи дека и тие по автоматизам ќе затворат, ќе ги отпуштат вработените. Тие можеби ќе прекинат со производство, но можеби ќе го искористат периодот можеби за обука на вработените за да се искористи продуктивно времето“ – вели Зоран Јовановски од Стопанската комора на Македонија.

Бизнисот бара да се обезбедат пари од разни извори за да му се помогне на стопанството. Опциите се пренамена на средства, кратење на непродуктивните трошоци, издавање еврообврзница, земање кредити, ребаланс на буџетот. И покрај тоа што од министерството за финансии нема вакви најави, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека надлежните имаат намера да издадат еврообрзница во висина од 400 милиони евра. Партијата начелно би го поддржала овој предлог, но само ако се формира Комитет кој ќе следи како се трошат овие пари.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи земање на обврзница само доколку и ако се формира комитет кој што ќе следи на дневна основа на кој начин се трошат овие средства. Транспарентност и целисходност на трошењето на овие средства. Доколку истите се потрошат за мерките кои ние ги бараме, тогаш тоа е добар чекор. Но, доколку се трошат за нови вработувања во администрацијата или за сомнителни бизниси на одредени членови на семејството на Заеви, тогаш секако дека нема да се согласиме“ – вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

За покривање на штетите од коронавирусот наместо за инфраструктура и животна средина. Вицепремиерот Османи побарал од Европската комисија да ја пренамени наградата за успешност најавена за земјава, во вредност од 50 милиони евра.

Само првиот сет мерки ќе ја чини државата 30 милиони евра, но ќе требаат најмалку 100 милиони евра за излез од кризата – најавува министерката за финансии Ангеловска. Таа вели загубите ќе се бројат со месеци. Претседателот Пендаровски пак, изјави дека за да се санираат штетите од вирусот ќе требаат меѓу 500 и 700 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста