Бизнисот бараше дополнителна поддршка за исплата на плати уште два месеци, доби само за јуни

Власта слабо го слуша гласот на бизнисот. Остана глува на барањата на фирмите мерката за исплата на плати да се продолжи за уште најмалку два месеци, а во најпогодените сектори и до крајот на епидемијата. Ќе попушти само за јуни. За министерката за финансии Нина Ангеловска тоа било доволно. Според неа, фактот што помал број на фирми аплицирале за ваква помош за исплата на плати за мај отколку за април значело дека немаат толку големи финансиски проблеми.

Бизнисот не се согласува. Голем број на компании уште стојат затворени. Од УЈП потврдија дека дури 21 илјада луѓе во приватниот сектор не примиле плата во април, а заменик министерката за финансии Гордана Кочоска алармираше дека овој број надминува 30 илјади луѓе. Биле поднесени 5.400 помалку пресметки за плати. Стопанството предупредува дека состојбата е се уште алармантна и дека помошта мора да продолжи за да се спасат бизнисите.

Фирмите , пак, што земаа 14.500 денари по работник се загрижени. Велат институциите различно ја толкуваат Уредбата, па сега им се закануваат глоби и враќање на добиените средства, ако целосно не му исплатиле нето минимална плата на работникот. За потсетување, министерката за финансии во повеќе наврати повтори дека законски е дозволено кога се работи за виша сила, при целосно или делумно стопирање на работата да се исплати 50 или 70% од платата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста