Бизнисот алармира: Најавата на Заев за 18.000 минималец ќе резултира со нови отпуштања

Нерационалното зголемување на минималната плата директно ќе влијае на намалување на работните места во државата, реагираат од Организацијата на работодавачи на Македонија по најавата на премиерот Заев дека минималната плата по Нова година ќе порасне на 18.000 денари. Претседателот на организацијата, Ангел Димитров вели дека паралелно со растот на просечната плата треба да расте и минималната, но тие одлуки треба да бидат согласно Законот, а не политички мотивирани.

„Се додека минималната плата не надминува педесет отсто од просечната плата е добро и е во интерес на рабортниците и нивните семејства. Ние сме свесни дека просечната плата во државата расте и тој пораст треба да се земе предвид при креирање на политики за раст на минималната плата, но тие политики не смеат да бидат политички онака со одлука на Влада да се покачува туку да се земат во превид стапките на раст на БДП, на инфлацијата и на просечната плата“, вели претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

Димитров алармира дека зголемувањето на минималната плата над педесет отсто од просечната ќе го наруши економскиот развој на државата и негативно ќе влијае на продуктивноста на работниците.

„Ќе се случи огромен број на работници како во приватниот така во јавниот сектор да имаат иста плата. Во таков случај вие не може да ги мотивирате добрите работници да работат. Од една страна се зголемуваат трошоците, а од друга страна се намалува продуктивноста на добрите работници“, вели тој.

Работодавачите се децидни дека власта пред да се „расфрла“ со ветувања за раст на минималецот треба да ги почека одлуките на Европската унија каде веќе се преговара за воведување на одреден стандард за раст на минималната плата, која не смее да навминува 50 односно 60 отсто од медијалната.

Премиерот Зоран Заев пак вчера од Кочани најави дека минималната плата од 1ви јануари ќе биде 18.000 денари што е за 20 отсто повеќе од моменталната која изнесува 15.200 денари.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста