Бизнисмените се пожалија на проблеми, прво бараат системски решенија, а потоа субвенции за повисоки плати

Не потфрлија само странските инвестиции, туку ќе изостанат и вложувањата на домашните фирми. Дел од бизнисмените се скептици дека ќе има голем интерес за најавените субвенции на платите во приватниот сектор. Велат не можат да покачат плати, ако се друго не функционира. Се жалат на лошите патишта, предолгите царински процедури, а најмногу на бирократијата. Токму на неефикасните службеници им се покачува платата за 5%. Бизнисот бара прво да се решат проблемите на стопанството, пред да се бара од нив повеќе да ги плаќаат работниците.

Премиерот упорно тврди дека Владата не се подготвува за избори, и покрај тоа што ја прекрои државната каса за да има повеќе пари за плати на административците. Тој и натаму тврди дека буџетот ќе донесе развој. Според него, тој не бил социјален, туку потегот бил вложување во човечкиот капитал.

Капиталните инвестиции потфрлија исто како и лани. За 7 месеци се реализирани едвај 24.5% од планираните за цела година. Со ребалансот на буџетот ќе се скратат за 50 милиони евра, пари со кои ќе се зголемат за 5% платите во администрацијата. Доволно не градат ниту општините. Министерот Сугарески денеска ги искара локалните власти дека доцнат со подготовка на проектите за водовод и канализација. Поради нивното несовесно работење, парите од ЕИБ годинава нема да се искористат и со ребалансот на буџетот ќе се префрлат за наредната година.

Тања Попова