Бизнисмените против покачувањето на акцизата
Сите држави бараат начини како да ги намалат трошоците и да му помогнат на стопанството, само Македонија не. Бизнисмените се кренаа на нозе откако нивните колеги од Стопанската комора предложија зголемување на акцизата на нафтените деривати. Сојузот на стопански комори отворено застана против предлогот, велат ова ќе им предизвика дополнителни трошоци, па неизбежно ќе биде зголемување на цената на транспортот и поскапување на дел од крајните производи. Претседателката на ССК Данела Арсовска вели дека фирмите очекувале помош, а не раст на трошоците.
„Македонски олигархиски алхемичарски предлог, за дупка во џебот на граѓаните и стопанството, кој владата не смее да го прифати. Инаку, слушнавме оправдание за да се зголеми акцизата е затоа што некој прави манипулации со продажба на гориво. Не е пологично да бидат казнети тие што прават злоупотреби, место да се казни цел народ со повисоки цени?“ – пишува Арсовска на фејсбук.
Од Стопанската комора предложија за 9 денари да се зголеми и акцизата на екстралесното масло за да се изедначи со онаа на дизелот бидејќи се почесто наместо во домаќинствата, се употребува како погонско гориво. Од Здружението на транспортери Макамтранс бараат државата да ја засили контролата+, а не да ги изложува фирмите на дополнителни трошоци.
„Зошто на бензиските пумпи не се казнуваат пумпашите ако точат вакво гориво во товарни возила кои немаат еуростандард и се користат само за внатрешен превоз? Зошто полицијата и транспортните инспектори не вршат контрола на горивото во возилата на патиштата низ државата? Доколку се усвои ваква мерка, ќе заземеме прво место во светската економија дека против пандемијата и економската криза се бориме со зголемување, а не со намалување на трошоци“ – велат од Макам-транс.
Министерката за финансии, пак, веднаш се изјасни дека за неа мерката е прифатлива и дека се подготвува Уредба, но дека сепак ќе се чека изјаснување од Владата. Стопанската комора предложи акцизата на нафтените деривати да се зголеми за 2 денари. Очекувањата биле во буџетот да се слеат дополнителни 3,8 милиони евра месечно или 46 милиони евра годишно.
И покрај драстичниот пад на цената на горивата во изминатите неколку недели, Организацијата на земјите извознички на нафта – ОПЕК вчера одлучи да го намали производството за 10% во мај и јуни, па се очекува цените повторно да скокнат нагоре.
Тања Попова