Бизнисмените негодуваат на порастот на минималната плата на 14.934 денари пред избори

Вирусот ги разболе, минималецот ќе ги дотолчи. Бизнисмените негодуваат на порастот на минималната плата на десетина дена пред парламентарните избори. На секој работник, од јули ќе треба да му исплаќаат најмалку 14.934 денари или скоро 500 денари повеќе од досега. Реагираат дека оваа одлука ќе биде тежок удар за нив. 4 месеци кубуреа со пари, а за неколку месеци исплаќаа плати со државна помош. Сметаат дека тешкиот период допрва ќе дојде кога следниот месец ќе „секнат“ владините пари за исплата на минималец.

Потегот на пораст на минималната плата за скоро 500 денари уште повеќе ќе дојде до „урамниловка“ или изедначување на примањата на работници со различни квалификации и обем на работа. Ова, според Бизнис конфедерацијата на Македонија дополнително ќе ги влоши проблемот со сивата економија. Сметаат дека ќе се зголеми бројот на случаи на давање плата во плико, враќање на дел од платата на рака, пријавување на скратено работно време и слично.

Инаку, минималецот, според растот на трошоците за живот требаше да се зголеми уште во април на 14.934 денари. Сепак, кога почнаа да се делат откази поради Ковид-19, Владата во април, во време на вонредна состојба, одлучи да ја замрзне минималната плата на дотогашната сума од 14.500 денари во период од 3 месеци. Сега, од јули, повторно се враќа на сила старото законско решение.

Тања Попова