Бизнисмените бараат итна помош од владата, во спротивно ги очекува пропаст

Неопходни се итни мерки што побрзо, за бизнисите да преживеат – бара Сојузот на стопански комори. Веќе трет месец компаниите се оставени без поддршка за исплата на плати, па на многу од нив им се заканува клуч на врата. Велат мора да се донесат протоколи за работа во сите дејности, а помошта треба да е најголема за оние фирми во туризмот и угостителството, кои законски или не смеат сега да работат или пак функционираат со ограничен капацитет.

Ребаланс на буџетот ќе има. Кога ќе се прекрои државната каса ќе се знае следната недела. Министерството за финансии ги прави последните подготовки – вели министерот за економија Крешник Бектеши. Не сакаше да открие премногу за 4-тиот пакет мерки, но вели ќе има субвенции и даночни олеснувања.

Од Сојузот на стопански комори велат дека досегашната помош била недоволна. Земјава издвоила најмалку пари од буџетот за помош на граѓаните и стопанството споредено до другите држави од регионот. Досега властите направија еден ребаланс на буџетот, а претходно и репрограмирање на доделените средства по институции. Владата се задолжи за 1,3 милијарди евра, со што јавниот долг надмина 6 и пол милијарди евра, односно речиси ја достигна критичната граница на задолженост од 60% од БДП. По стагнацијата во првите три месеци, вториот квартал заврши во историски најголем минус  од 12,7%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста