Бизнисмени:Со унгарска помош до поголем економски развој
Со помош на Унгарија до европски стандарди. Македонските бизнисмени оптимисти по посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан со дел од економските министри. Стопанствениците сметаат дека средбите на највисоко ниво кои вчера се остварија сопретставниците на унгарската Влада ќе придонесат кон поголем економски развој на земјава. Заемот од Унгарија од половина милијарда евра и тоа како ќе им помогне на фирмите да инвестираат во производство според ЕУ стандардите – сметаат од Бизнис конфедерација на Македонија. Компаниите се надеваат на поголема соработка за бизнисот конечно да фати чекор со европскиот начин на работење.
„Ги подготвува институциите, компаниите, насочува кон вистинско, легално стандардизирано имплементирање и инвестирање на проекти и активности, во тој случај би било одлично да се искористат на тој начин тие пари во приватниот сектор. Од друга страна, во јавниот сектор кај општините, повторно би требало наши економски оператори со договорните органи во општините да се договорат и да учествуваат в отие набавки за да може и приватниот сектор да има одредена корист, иако станува збор за некои инфраструктурни капитални инвестиции“ – вели Миле Бошков – Бизнис конфедерација на Македонија.
Брзата пруга беше една од главните точки за кои разговараа премиерите на двете земји. Додека Србија на големо инвестира во овој дел од железницата, тоа не е случај и со Македонија која драстично заостанува. Ако со унгарска помош Македонија се приклучи кон овој проект, тој ќе биде од огромно значење за бизнисот. Рутата Будимпешта – Солун и тоа како ќе ги зголеми приходите во државната каса. Од Бизнис конфедерацијата потенцираат дека компаниите од Србија, кои во моментов ги користат пристаништата во Ријека, Хрватска и словенечки Копер, би можеле да го пренасочат транспортот по брзата пруга долж Коридорот 10. Дополнително, препорачуваат кога ќе се прави проектот, да се има в предвид тој да поминува близу скопскиот Аеродром и економската зона Бунарџик за што поголеми ефекти.
„Треба да влезе крак во економската зона Бунарџик, или до Аеродромот, за да има транспортна и туристичка инфраструктура. Апел до градоначалниците да имаат иницијатива за да приклучат придружна економија долж пругата“ – вели Бошков.
Токму брзата пруга беше главна тема на разговор помеѓу Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и унгарскиот министер за градежништво и инвестиции Јанош Лазар. Се разговарало за квалитетно поврзување на Скопје – со Будимпешта, односно, поврзување на Македонија, преку брза пруга, со пристаништата во Грција, и со земјите од Централна Европа. Министерот Николоски. потенцираше дека брзата пруга, е услов, за економски развој, и подобра комуникација- за сите земји од регионот. Средба со нејзиниот унгарски колега Михаил Варга оствари и министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Таа истакна дека Унгарија е силен европски партнер во делот на спроведувањето на потребните реформи, а билатералниот заем од 500 милиони евра со поволни услови е чекор во унапредување на соработката. Таа, исто како и премиерот Мицкоски во неколку наврати претходно најавија дека доколку не се најде начин за поевтино задолжување кај меѓународните кредитори, повторно догодина ќе се позајмат пари од Унгарија по поволни услови.