Бизнисмени: амбициозни, но остварливи плановите на Мицкоски за 2 милијарди евра инвестиции во инфраструктура

Секое намалување на даноците е добредојдено за бизнисот. Тоа ги намалува трошоците и го олеснува работењето – велат стопанствениците. Ваквата реакција доаѓа откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави целосно враќање на рамниот данок и негово намалување на 8%. Македонското општество, според нив, се уште не е подготвено за прогресивен данок, но за намалениот рамен данок да има поголеми ефекти треба да се подобри наплатата на даноците и придонесите и да се засилат инспекциите.

За бизнисмените најавениот градежен бум, односно инвестициите во инфраструктурата од 2 милијарди евра или половина милијарда за една година е амбициозен зафат. За стопанството клучна е изградбата на патишта и пруги, бидејќи го олеснуваат и забрзуваат протокот на стоки. Сепак, за да стане реалност амбициозната програма, бараат реформа на јавната администрација. Капацитетите, според нив, мора да зајакнат за да се подобрат процесите, од почетното планирање, па се до крајната реализација.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера ја промовираше програмата за обнова на инфраструктурата. Таа вклучува нов автопат од Велес до Битола, завршување на веќе започнатите автопатски делници, реконструкција на над 1.000 километри регионални патишта и изградба на 150 километри експресни патишта. Планот предвидува и 300 милиони евра вложувања во водовод и канализација, доизградба на пругата од Битола до грчката граница, на долгоочекуваната железница до Бугарија, како и набавка на 5 нови возови.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста