Бизнис со погребите на починати од Ковид 19

Дали и кој прави бизнис со погребите на починатите од ковид-19? По кражбата на мртовецот од струмичката болница и апелите на социјалните мрежи за собирање на средства во висина од 600-700 евра наменети за погреб, се отвора прашањето колку реално чини да се погреба лице со Ковид-19. Тргнавме во потрага по одговорите претставувајќи се како семејство на починат од ковид 19 во Штип чие тело треба да се транспортира и погреба во Радовиш. Од различни погребални претпријатија добивме и различни пресметки. Разликите во понудите се од 70 до неверојатни 400 евра. Една од фирмите во Штип ни понуди пакет транспорт, ковчег и дезинфицирање на превозното средство за 30.000 денари. Друга пак за 35.000 денари. Ни објаснија дека цената била висока затоа што е потребна специјална пвц вреќа во која се завиткува телото на починатиот, но и лимен ковчег кој потоа се става во дрвен. Ни рекоа и оти биле потребни дезинфекциони средства, нагласувајќи ни дека мораме да платиме веднаш. Попусти за социјални случаи и сиромашни семејства беа децидни дека нема.
И тамам кога човек се наоѓа во очај и без пари, сепак има и хумани претпријатија кои имаат поинаква мисија отколку само чист бизнис. Имено пред два дена организирале погреб на починат радовишанец позитивен на корона вирусот за само 12 илјади денари. Зарем е можно прашавме? Сопственикот на фирмата склучил хуман договор со штипаската џамија, која пак ги ослободила верниците од сите такси за верски обреди при погребите. Сопственикот за Алфа вели не сака да ја рекламира хуманоста, но вели не може да се прави профит врз болката и беспарицата на луѓето. Пред камера застана мутавелијата од џамијата:
-Вчера склучивме усмен договор и одма имавме смртен случај. Операторот покојникот починат од ковид 19 го транспортираше до радовиш за 12.000денари. Инаку другите ни бараа 600евра и плус транспорт до Радовиш 70, значи околу 670 евра – изјави Џевџет Зејнелов-мутавелија на Џамиски одбор за Штип.
Хуманиот сопственик не сакаше да ги коментира баснословните суми на конкурентите, но издвои една важна информација. Имено, според него , во протоколот за мртво тело со ковид-19 никаде не се наведува дека е потребно починатиот да се стави во лимен ковчег и херметички да се затвора. Дрвениот ковчег е доволна изолација објаснува тој. Разговорот го заврши со мислата дека при таква загуба и паника во која се наоѓа семејството, не е во ред да не му се презентираат сите опции.
Прашањето е кој го регулира ваквиот бизнис и зошто на семејствата им се инсистира да плаќаат огромни суми за лимени сандаци?
Александра Ристевска