Битолските тутунари прелажани – со денови попусто чекаа за откуп на тутунот

Мачна беше денеска сликата пред Монополот на „Сокотаб“ во Битола, како во долга колона, битолските тутунари чекаат да го предадат тутунот. Тие тука со денови мрзнеа и со сламка надеж од ветеното дека до среда ќе има откуп на вишоците, а денеска ги стаса лошиот абер дека нема повеќе откуп. Барем утрово, никој официјално не ги удостои со информација, а тие очајни и истоштени, веќе немаа сила ниту да протестираат дури и многу мина побегнаа од камерата, небаре ќе им се случи нешто уште полошо од пропадната едногодишна мака.

Нема ништо, ни претставник ни откуп, а ни кажуваа дека до среда се завршува– рече еден пелагониски тутунар.- Две ноќи спиевме тука, гледате колкава колона е. Ова што се работи, стварно е грев за народот- рече друг тутунар.- Еве прекинаа и никој не дојде да каже, рече неговиот сосед.- Ова не е ништо, тешко нас ќе биде оти ќе нема леб да јадиме, а од тоа се живее- рече другиот.- Кога ќе дојде за гласање ќе не бараат, ама тогаш ќе маваме– рече огорчена тутунарка- Ќе го фрлам река– рече тутунар од Битолско поле.

Дали можеби ќе се случи некој престврт по сугестија на политиката или пак овие тутунари ќе бидат пренасочени кон некој друг тобако- откупувач е сосема неизвесно. Но, факт е дека, од вишоците  досега откупени се 3. 300 тони  по мизерна цена од 60- 80 денари за килограм, што сигурно е дека претходно постигнатиот просечен откуп од 163 денари по килограм на ланската реколта со 23.000 тони, ќе биде многу помал. Сите овие факти и иницијативите  на ресорното министерство за договарање на само 21. 000 тони тутун за годинашната реколта, наведува на размисла за узвозот на тутун и големите интереси на тобако играчите, на сметка на домашното производство и армијата тутунари. -Голем промет, а мала заработувачка. Отприлика, тоа е оценката што може да се каже во врска со окупот на вишоците на тутун, кога за едно евро по килограм, сиромаштијата ќе се изгенерира уште повеќе. Но, каде е играта во тобако бизнисот? Барем засега, никој сериозно не се прашува колку тутун е увезен и колку тие големи играчи ќе заработат, особено што идната реколта ќе биде помала за 4. 000 тони тутун

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста