Битолските планинари на градоначалничката и се заканија со кривична пријава
Битолските планинари од планинарско- спортскиот клуб “Пелистер“, денеска излегоа на протест пред Општината Битола и го кренаа својот глас против локалната власт, која се има намерачено на планинарскиот дом “Копанки“. Овој култен објект, планинарите го легализираа и станаа стопани со имотен лист пред пет години, иако со децении беше нивни, зашто, впрочем, генерации пред нив го имаа направено. Објектот, во меѓу време, целосно изгоре и клубот, мака мачеше за негово безуспешно обновување. Битолската градоначалничка во својата предизборна кампања даде ветување дека ќе го обнови, но штом седна на фотелја, бараше планинарите доброволно да го отстапат, па кога не успеа во тоа, ја поништи легализацијата. Планинарите се обидоа преку суд да ја добијат правдата, но по сите тужби и жалби, излегува дека Јустиција е слепа за нивната правда, а м-р Петровска преку својата Пи- Ар машинерија се фали дека домот ќе го гради.
-Всушност, Општината ја повлекува урбанистичката сосптвеност која своевремено ни ја дала. Доколку таа урбанистичка согласност се поништи, воопшто не се доведува во прашање нашата сопственост. Не знам врз кои основи Општината ќе почне да го гради “Копанки“- запраша Симе Алушевски, член на раководниот тим на ПСК “Пелистер“.
Во сите локални игри околу “Копанки“ кој стана монета за поткусурување меѓу власта и опозицијата, планинарите сметаат дека врз клубот и поединци што го раководат, се врши насилство од актуелната власт.
-Се врши насилство врз планинарскиот клуб “Пелистер“. Овој клуб е бренд за Битола и најтофеен клуб во планинарството, во алпско скијање и алпинизам и постои 85 години непрекинато, сега со насилство да му се одземе имотот. Поминаа тие времиња кога насилно се вршеа национализации и конфискации- рече Диме Попов, претседател на клубот.
Бидејќи за ваков ист случај во друга општина, правдата застана зад планинарите, тукашните планинари сметаат дека еден ден, заради сето ова градоначалничката кривично ќе одговара.
- Не е исклучено, овој случај да има и кривично- правна завршница, со оглед дека некој ја злоупотрбува својата положба и прави штета. Не само на ПСК “Пелистер“, туку и на цела Битола и на државата. – рече Алушевски.
Споредувајќи го “Глобал“ со “Копанки“ и барајќи финансиска помош по иста аналогија како струмичкиот објект, ПОДЕМ уште повеќе ја разгоре политичката димензија. За АЛФА, м-р Петровска во соопштението вели дека станува збор за нелегални постапки и злоупотреби од минатото и поединци ќе одговараат пред лицето на правдата. – Дали треба да се надоврзам на нешто што по мое видување е нелегално?- запраша првата дама на Битола.
Петар Стефановски