Битолски Роми на протест против полициската бруталност

Нема правда нема мир, Правда за Ромите, Стоп за полициската бруталност, До кога ќе бидеме граѓани од втор ред и Сакаме правна држава! Ова беа пораките што на денешниот протест ги упатија битолските Роми до институциите на државата, огорчени од немилиот и шокантен настан што ноќта на 21 и во раните утрински часови на 22 септември се случуваше во Битола, кога од полицијата беа брутално претепани тројца Роми. Тие побараа одговорност за сторителите, потенцирајќи дека битолските Роми се најдискриминирани во државата.

  • Нашето незадоволство е овде и тука на местото на злосторството, каде што беа крвнички претепани нашите Роми. Ова е знак, повеќе да не се повтори и повеќе да нема говор на омраза оти по социјалните мрежи, веќе не наликуваме на луѓе- рече Самедин Канановски од Центрот за еманципација на Ромите.- Битолчани се најдискриминирани Роми во целата наша држава. Со ова, укажуваме апел да престанат дискриминирачките постапки кои ни ги прави полицијата и не само полицијата, туку и сите јавни институции- рече Рамадан Рустемов од “Ромско јато“.

На протестот, присутни беа и повредените Роми, жртви на полициското насилство. Тие с`е уште ги чуствуваат последиците од ќотекот и  повредите што ги добија.

  • Страв и трепет уште имам, значи не можам  да спијам. Многу сум возбуден уште- рече Невзат Јашаровски.- Неарно се чуствувам, уште сум во шок- додаде Сафет Имеровски.

Овој настан кој ја разбранува целата македонска јавност и три дена ги усвитува социјалните мрежи е последица на  сообраќајката што петмина Роми ја предизвикаа во критичната вечер  враќајќи се од роденденска забава и под дејство на алкохол, кога со возилото удрија во сообраќаен знак.  Од полициската патрола која  ги пресретнала, веднаш биле нападнати како што велат, а од ромската организација “Аваја“ до социјалните мрежи испратија видео- запис од бруталното тепање. Од патролата, двајца полицајци се суспендирани, од кои тепачот заработи и кривична пријава. Во нивна одбрана, за среда во Битола се најавува и контра- протест.

Петар Стефановски

Поврзани вести