Битолчани сметаат дека власта малку прави против аерозагадувањето

Аерозагадувањето во Битола последниве години е една од најтемните страни во квалитетот на живеењето на битолчани, со рекордни концентрации на ПМ- 10 честички и други сегменти. Денеска во информативните сервиси на Алфа- ТВ повеќе релевантни субјекти искажаа свое мислење за сите актуелитети што се случуваа минатата недела, кога мерните станици соборуваат рекорди. Градоначалничката Петровска останува на ставот дека со краткорочните мерки што ги нуди локалната власт, а кои опозоцијата ги оценува како задоцнети, можат да се ублажат состојбите, а вистинското решение може да се очекува со прокетот- гасификација. Но, што мислат битолчани?

-Состојбата е катастрофална, ама нема некој нешто да направи. Власта не прават ништо – рече еден битолчанец.

– И порано се грееле на дрва, на ќумур и се било штетно. Ама сега, состојбата е алармантна оти сигурно се гори нешто друго, некој отпат што придонесува за ова загадување – рече една битолчанка.

– Мислам дека редно е да станиме и не со мирен протест, туку да го кажеме и нашето незадоволство, зашто се работи за нашиот живот и животот на нашите деца – рече една битолчанка.

– Тешко на оние што се болни од астма, а не чини ниту за здравите- рече еден повозрасен.

– Тешко на луѓето, сите се труеме и буквално не знаеме што дишиме- рече еден граѓанин.

– Треба да се воведат вонредни мерки и да се затворат градинките и училиштата, бремените жени, болните да не излегуваат на отворено- рече една млада битолчанка.

– Дали треба да носиме гасмаски сите или ќе се преземе нешто, а тоа треба властите да го направат, кои момемнто не прават ништо- рече друг битолчанец.

Од опозицијата, уште еднаш упатуваат апел барем хигиената во градот да се среди за да се намали загадувањето на амбиенталниот воздух.

-Бидејќи тие беа борци за чист воздух и така дојдоа на власт, очекував дека толку озбилно  и експедитивно ќе го решат, така да после две години, за жал, имаме нула посто реализација- рече Д-р Олга Лозановска, советник во општината од опозициската ВМРО ДПМНЕ.

Сепак, на битолчани од овој проблем им е прекуглава што покажа последниот протест со фрлање јајца и камења кон општинската зграда, а сега за протести се спремаат и средношколците, иако им се ветува скратена настава за да се амортизира гневот на младите.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста