Битолчани се уште во грч, ги бројат штетите од вчерашниот земјотрес

Тешка, мачна и непроспиена ноќ за Битола и битолчани. Улиците полни, домовите празни. Испукани тавани и ѕидови, паднат малтер, оштетени фасади, разнишани скали, испревртен мебел. Тоа се последиците од синоќешниот земјотрес кој од сите македонски градови, најмногу ја погоди Битола. Земјотресот со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала, во паника и страв ги изваде граѓаните на улица. Добар дел од нив, особено оние од висококатниците и од постарите куќи, ноќта ја поминаа надвор или во своите автомобили.

Според првичните информации, земјотресот за среќа, не предизвикал човечки жртви, а и оштетувањата врз објектите не биле толку страшни, изјави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, веднаш по завршувањето на итната седница на Општинскиот кризен штаб, која беше одржана денеска напладне. Градоначалникот Коњановски, освен што најави формирање на Комисија за проценка на штетите, исто така, најави и соодветно обесшететување на граѓаните кои претрпеле штети.

„Заклучено е да се формира под итно Комисијата за проценка на штети која ќе излезе на терен. Во оваа прилика, еве и апел до граѓаните, сите штети кои ги имаат да ги пријават, да ги достават до општината. Во контакт бев и со директорките на двете градинки кои функционираат веќе. Во едната градинка, во „Мајски цвет“, еден од клоновите кај „Симпо“ е затворен. Прво Комисијата да направи проценка, ќе видиме за колкави штети се работи, колкав е бројот на побарувања и тоа сите да го одбериме и секако со ребаланс ќе бидат издвоени средства“, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.

Извесни штети земјотресот предизвикал и врз одредени стари, познати битолски градби. Советот на општината, очекува помош и од Владата, особено каде што станувало збор за заштитени, културно-историски градби.

„Ќе донесеме заклучок кој ќе го доставиме до Владата на РМ и ќе побараме одржување на итна седница на која ќе се разгледа состојбата во Битола и на која ќе побараме и самата Влада да излезе во пресрет на она што и’ се случи на Битола. Бидејќи дел од нив се стари градби и затоа сметаме дека треба да побараме ваква седница каде државата ќе излезе во пресрет за нашиот град, бидејќи сметаме дека Битола во најкраток можен рок треба да ги санира штетите кои се случија во минатата ноќ“, – рече претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска.

Според првичните информации, извесни оштетувања имало и врз Клиничката болница, но за среќа без посериозно последици по пациентите и функционалноста на Болницата.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста