Битола е црн рекордер по хоспитализирани -149 за само два дена, сите со тешка клиничка слика

                Последниве два дена, во Клиничката болница во Битола има по 149 пациенти заболени од ковид- 19, што е најголем број на хоспитализирани во јавното здравство. Сите се со тешка клиничка слика и потребна  им е кислородна поддршка, поради што, дневно се трошат по три тони на кислород. Синоќа починаа три лица, од кои, најмладиот на 49 годишна возраст. За жал, и натаму дневните бројки на новозаболени се високи во просек до сто лица, а во модуларната болница има слободни уште седумдесет легла, додека останатите два пункта на Ковид центарот се пополнети. Во тесна корелација се активните случаи со бројот навохоспитализираните, вели битолскиот професор д-р Дејан Трајковски, кој смета дека бројката нема да надмине 180 хоспитализации.

-Бројот на активни случаи ќе продолжи да искачува уште неколку дена, с`е до моментот кога многубројните отворени случаи од пред седум дена ќе започнат помасовно да се затвораат. Дури тогаш кога ќе биде изедначен бројот на новоотворените случаи со затворањето  на старите случаи, тогаш ќе настапи врвот на активните случаи. Тоа се очекува по седум дена, под услов да останат истите проесечни бројки од 73 новодијагностиоцирани на дневно ниво- рече професор д-р Дејан Трајковски.

Преносливоста на вирусот е во тесна корелација со степенот на отвореност на општеството, вели професорот Трајковски, кој при растечките показатели во минатиот период, се залагаше за неколкудневен лок- даун и построги мерки за собирање, дури и крантин.

                –Доколку имавме построги мерки, сигурно бројките немаше да се искачат до сегашните вредности. Врвот ќе беше понизок и поразвлечен и проблемот со хоспитализациите немаше да биде толку изразен- рече битолскиот професор.

Од Центарот за јавно здравје во Битола велат дека трендот со поголеми бројки ќе потрае уште некое време, зашто во Битола пикот стаса подоцна. Меѓутоа, проблеми со реагенси и други материјали за тестирање во трите лаборатории нема, а интересот за имунизација с`е уште е поголем отколку што во моментов има вакцини.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста