Битола доживува градежен бум, до крајот на годинава ќе бидат инвестирани вкупно околу 10 милиони евра за различни проекти
Изградба на нов современ влез во градот од страната на Прилеп во вредност од околу два милиони евра, реконструкција на седум улици во населбата „Недопирливи“ вредна 500.000 евра, изградба на заобиколницата „Бурса“, рехабилитација на застарените водоводни и канализациони мрежи. Битола доживува вистински градежен бум, кој според градоначалникот Тони Коњановски, ќе продолжи и во наредната година, особено по аплицирањето со 16-те нови проекти кои веќе се прифатени и од Владата, а ќе бидат финасирани со пари од унгарскиот кредит.
„Ги потпишавме договорите, се’ e средено. Аплициравме со комплетни документи, со решенија за градба до изведба…Така што Битола и во нареднава година ќе биде градилиште…Освен нашите проекти кои ги имаме, ќе имаме и нови проекти, 13 се преку Транспорт и врски, два имаме преку Министерство за култура, едно е преку Министерство за култура, две се во делот на Спортот“, – изјави Тони Коњановски, градоначалник на Битола.
Според проценките, забрзаниот инфраструктурен развој на Битола, до крајот на годинава, на општината ќе и’ донесе вкупно околу 10 милиони евра, што никогаш претходно не било случај. Од досега сработеното задоволен е и вице-премиерот Александар Николоски и тој очекува дека в година инвестицискиот бум во овој дел од земјата, ќе биде уште поголем.
„Секако тука се и големите стратешки проекти. До Нова година ја пуштаме првата делница, тоа е Градско-Дреново од Експресниот пат Градско-Прилеп, до март месец ќе оди Дреново-Фариш, а како што најавивме минатата недела – за три години очекуваме автопат Прилеп-Битола и секако веќе работиме на завршување на проектот Обиколница на Битола и изграба на Експресен пат до Граничниот премин „Меџитлија“, – посочува Александар Николоски, вице-премиер и минстер за транспорт и врски.
Освен ова, вчера премиерот Мицкоски најави и две нови странски инвестиции во Индустриската зона „Жабени“ крај Битола, вредни 11 милиони евра. Станува збор за ивестирање на германско-холандската Компанија „Бреинчајлд“ која треба да обезбеди 240 нови вработувања, а изградбата на објектот треба да започне в година.
Каролина Дурло