Битола добива популистички буџет

Главна точка на денешната седница на Советот на Општината Битола беше донесувањето на Буџетот за 2020 година, тежок над 32 милиони евра. Меѓутоа, експонентите на локалната власт се пофалија дека Валадата денеска им префлила, ни помалку ни повеќе, 2,5 милиони евра , пари со кои две и пол илјади семејства ќе добијат по илјада евра за набавка на инвертери. Опозицијата овој потфат го нарече популистички, бидејќи нема контролни механизми за сопствениците на инвертерите и дали ќе продолжат да се грејат по старо, а парите се делат во период пред избори.

– Општина Битола ќе добие во текот на денот, аможеби веќе и се “легнати“ на сметката 2, 5 милиони евра кои ќе бидат поделени за инвертери- рече претседавачот на Советот, Валентин Груевски.- Која е позадината? Јас мислам дека парламентарните избори си го прават своето- рече Габриела Илиевска, координатор на советничката група од ГИ “Поинаку“.

Опозоционерите упатија сериозни забелешки за Буџетот бидејќи пораст има на ставката за плати со над 200 илјади евра, капиталните трошоци за изградба на улиците се намалуваат за 1,5 милиони евра, а за заштита на животната средина се одвоени само пет милиони денари или 0, 24% од вкупниот буџет, а Битола се гуши со аерозагадување.

– Планираат да потрошат цели 200 милиони денари повеќе за плати и надоместоци, а тоа значи за плати на свои блиски роднини и пријатели , а кога сме кај животната средина, планираат да потрошат само 5 милиони денари- рече Иванчо Тошевски, координатор на ВМРО ДПМНЕ.

– За ставка екологија не се предвидени средства, а оние кои се предвидени се смешни за град како Битола со вакви проблеми. Затоа, ниту верувам во овој Буџет, ниту е направен по мерка на граѓаните, ниту во соработка на граѓаните, ниту според приоритетите на граѓаните- рече Габриела Илиевска координатор на ГИ “Поинаку`

– Точно е дека во директната програма за животна средина се предвидени само 5 милиони денари, меѓутоа во многу други ставки во Буџетот, распоредени се други средства кои влијаат директно во заштитата на животната средина- рече Менде Илиевски, координатор на советничката група на СДСМ.

Еуфорично учество на денешната седница на Советот имаше и првата дама на Битола, која на социјалните страници е топ- тема, откако пред две недели при промоција на реновирана спортска сала, направи стој на глава. Денеска тоа не го направи, ама се пофали со парите од Владата.

Петар Стефановски

Advertisements