Битката за власт ја засени битката со смртоносната пандемија која е пред нова експлозија

17 годишна средношколка од околината на Демир Хисар утрово ја загуби битката со корона вирусот на Инфективната клиника во Скопје. Проблемите со вирусот кај тинејџрката се појавиле пред десет дена кога таа прв пат побарала лекарска помош во битолската болница. Имала висока температура и отежнато дишење. Дента била задржана на лекување во Битола, а веќе следниот ден во многу критична состојба била префрлена во Скопје и хоспитализирана на инфективна.

„Следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рентгенграфски наод и клиничка слика. Во текот на вчерашниот ден драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите превземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина“, информираа од Министерството за здравство.

Од здравство информираат дека младата пациентка имала хроничен дијабетес и не била вакцинирана. Веста за смртта кај младата девојка ги зовре социјалните мрежи – корисниците реагираат дека во време кога бројот на заразени расте, болниците се полнат, власта ги отвора дикотеките и ги олеснува мерките.

И докторите се согласни дека Владата продолжува да носи мерки кои се политички и немаат никаква епидемиолошка логика.

„Некој си работи против себе, не слуша стручни лица и затоа така проаѓа на избори. Сега е доцна да се поправаат работите. Политика кога ќе навлезе и кога доктори под наводници прифаќаат тоа, или не прифаќаат ама си молчат како што беше летоска, последиците се како што беа. Јас еднаш сум влегол во ресторан, избегнувам, гледам дека таму може да има педесетина луѓе, никој не носи маски. Нормално дека и да е 50 отсто капацитет, они стануваат може да си изиграат оро, па да не зборувам за диско клубови“, вели микробиологот Никола Пановски.

И додека бројот на нови случаи расте, надлежните среде избори ги олеснија мерките за заштита од Ковид 19 – новите мерки предвидуваат работа со зголемен капацитет на гости, а на масите ќе може да седат неограничен број на луѓе. Солгасно новите мерки со работа почнуваат и ноќните клубови.

Во меѓувреме, соседните земји ги стегаат мерките поради зголемениот број на нови случаи. Италија од вчера забрани влез на туристи од Македонија поради лошата епидемиолошка состојба во земјава.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста