Битката за дивиденди ќе се води пред Уставен

Комерцијална банка ја даде на Уставен суд Народната банка. Акционерите на најголемата деловна банка во земјава се налутија поради забраната за делење дивиденда годинава, па поднесоа иницијатива до Уставен за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката која Советот на Народната банка ја донесе на 26-ти февруари. Тие сметаат дека одлуката е спротивна на Законот за банки и треба да се поништи, бидејќи Советот ги пречекорил своите овластувања и надлежности.

  • Советот на Народната банка не е слободен самиот да си ги одредува задачите што ќе ги врши, туку може да ги врши само оние задачи за кои има изрично овластување утврдено со Закон. Во ниту една одредба од Законот за Народната банка не е утврдено овластување на Советот со свој акт да пропише ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките, независно од целите што Советот на НБМ сакал да ги постигне“, велат од Комерцијална банка.

Со реакција излегоа и од Народната Банка. Велат мерката била превентивна и со намера да го заштити јавниот интерес. Централната банка уверува дека вакви одлуки за привремено одложување на исплатата на дивиденда донеле сите земји на Европската Унија и во регионот.

  • Со оваа одлука којашто има времен карактер, се делува превентивно, за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на негова стабилност, а во услови на сѐ уште присутна неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза. Истовремено, оваа одлука ќе придонесе за натамошна солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, што е исклучително важно за справување со кризата“, велат од Народна банка.

Од Комерцијална банка информираа дека сепак ќе поделат бруто дивиденда во висина од 600 денари по акција, но откако ќе престане да важи времената забрана од Народната Банка. На овој потег на акционерите на Комерцијална му претходеше и состанок на гувернерката Ангеловска – Бежоска со Македонската банкарска асоцијација. Тогаш тие уверуваа дека банкарскиот систем е стабилен, а не беше исклучена ниту можноста за предвремено укинување на ограничувањето за исплата на дивиденда.

Инаку, лани и во време на карантин и рестрикции, банките остварија солиден профит од 118 милиони евра, што е за 9 милиони евра повеќе отколку во 2019-та. Највисока бруто добивка од 35,3 милиони евра остварила Стопанска банка. Следи Комерцијална банка со 32,3 милиони и НЛБ со бруто добивка од 30,2 милиони евра. Банките во два наврати ги замрзнаа плаќањата на рати за кредити, но од ова не изгубија, бидејќи дополнително ќе наплатат повисоки камати .

Народната банка пак пред 3 дена повторно ја намали основната камата и ја сведе на историски најниско ниво од 1,25% за да ги стимулира банките да даваат поевтини кредити на фирмите и населението.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста