Битиќи за Алфа: Точно е дека фирми што аплицирале за државна помош, не може да добијат субвенции за минимална плата

Власта ги потврди информациите на Алфа дека компании кои веќе добиле државна помош за време на пандемиската криза, сега нема да можат да добијат субвенции за минималната плата. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи признава дека тоа е направено за да нема концентрација на државна помош на исто место и за иста намена.

Клучен услов кој ја ограничува можноста за субвенции на дел од придонесите од 1.197 денари по вработен, е фирмиата да не биде корисник на државна помош за зголемени плати од 600 до 6.000 денари.

  • Истите тие компании кои што се корисници на државна помош, не можат да бидат корисници и на мерката за покривање на придонесите за субвенционирање на минималната плата. И тоа е логично. Ние не можеме да дозволиме да има две исти мерки за иста потреба, и затоа е направена таква дистинкција, вели во одговор за Алфа, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Од ваквата владина одлука изненадени беа и работодавачите. Во врска со реакциите на дел од компаниите дека се оневозможени да ги користат најавените субвенции за покривање на разликата во придонесите на зголемувањето на минималната плата, работодавачите веќе кажаа дека тоа не било фер за дел од компаниите, зашто поготово на помалите помошта им била и повеќе од потребна.

  • Искрено се чудам зошто е воспоставена ваква методологија. Не можеме да прфатиме ако предлогот не биде онака каков што го предложиме и каков што треба да е исполнет. Тоа е фер дијалог од сите засегнати страни. Ние бараме принципелно да го одржи зборот Владата, каков што беше и договорот со Синдикатите, вели за Алфа Миле Бошков, Претседателот на Конфедерација на работодавачи на Македонија.

Инаку, повисокиот минималец од најмалку 18.000 денари треба да започне да се исплаќа од април за над 80.000 граѓани. Планот ќе стане оперативен откако процедурата ќе заврши целосно во парламентот. Мерката ќе тежи околу 16 милиони евра. За зголемувања на минималната плата и пензиите, од Владата потврдија дека немало потреба од ребаланс, зашто за се имало обезбедено средства.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста