Битиќи преговараше на свадбарска маса пред Влада

Вицепремиерот Битиќи дојде на свадба. Угостителите, фотографите и музичарите излегоа на протест пред Владата и со импровизирана сала автентична за семејни прослави, празни столчиња и маси кои го симболизираат стопирањето на нивната работа повторно ги посочија нивните барања.  Првиот човек задолжен за економски прашања, одржа средба ама договор не постигнаа. Претставниците на погодените сектори револтирани велат дека помошта од државата е премногу мала и не ги покрива ниту основните трошоци – бараат да може да се организираат свадби по истите протоколи по кои работат и а – ла кард рестораните за да го спасат секторот, односно да се тргне членот 14 од уредбата со која на 23 јуни изминатата година им се забрани да ја извршуваат својата дејност.

Според Битиќи, економски мерки има ама против здравствените препораки не смее да се оди оти секој човечки живот е важен. Повикувајќи се на здравствените власти, вели дека епидемиолошката состојба со коронавирусот не дозволува да се намалат рестрикциите.

Организаторите на протестот деновиве најавија средба и со директорот на Пазарен инспекторат Стојко Пауновски. На состанокот, угостителите ги претставија нивните загуби, а вицепремиерот истакна дека е спремен повторно да разговара за да може да се постигне договор.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста