Битиќи не сака да се занимава со рамковните вработувања сега, ќе чекал да заврши пандемијата

Рамковните вработувања ќе останат нерешлив проблем и наредните години. На Владата не и се брза над 1.300 луѓе кои седат дома и земаат плата да ги натера да одат на работа. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го одложи нивното вработување за периодот по завршување на ковид кризата и покрај тоа што не се знае уште колку таа ќе трае.  Вели сега не било време да се зборува за нивно вработување во некоја од државните институции.

„Денеска не треба да зборуваме во време на пандемија, во време на загрозеност на секое едно работно место, да зборуваме за црни сценарија, ќе го преминеме овој период, и мислам дека во првиот ден, кога ќе дишеме слободно, без маски, ќе почнеме да зборуваме за решавање тој горчлив проблем кој што сите го зборуваме веќе неколку години“ – изјави Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

На крајот на август, на последниот ден од својот мандат, тогашниот министер за администрација Дамјан Манчевски уверуваше дека интензивно се работи и дека процесот на вработување на луѓето кои седат дома, а земаат пари ќе заврши најдоцна до Нова Година. Ако тие не сакале да работат, ќе биле избркани.

Пред неколку недели, пак, Вицепремиерот за политички систем Артан Груби призна дека засега нема законски начин како да им се даде отказ на т.н. рамковни вработени, ако одбијат работа во некоја од институциите. Најави нов закон, но засега тој не е готов и се уште не стигнал до пратениците. И тој не сакаше да даде конкретен краен рок до кога ќе се реши ова прашање.

„Нема законска можност тоа да се реализира, за жал, во некои од институциите самите вработени не сакаа да одат, во други случаеви институциите не ги прифаќаат, затоа што би преферирале нови вработување, затоа и најавив усвојување на посебен специјален Закон само за оваа категорија со која што би било обврзително и вработениот и институцијата да го прифатат прераспределувањето“ вели Вицепремиерот за политички систем Артан Груби.

Груби истакна дека ќе се залага да нема нови вработувања во администрацијата, се додека не се решат рамковните, меѓутоа ситуацијата на терен е поинаква. Секојдневно има огласи за ангажирање на нови кадри. Според последното истражување, вработувањата во министерствата се зголемиле за 3% во последните три години или за 540 луѓе.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста