Битиќи: Лимитот на задолжување од 60% од БДП во пандемија не треба да важи
Прагот на задолженост од 60% од БДП треба да се заборави во време на пандемија – уверува Вицепремиерот за економски прашања Фатмир. Тој тврди дека мастришкиот стандард според кој секое надминување на овој праг е аларм дека државата е високозадолжена, во овие услови не треба да важи. Најави нови задолжувања за да се спроведат дел од мерките. Не кажа дали ќе се инсистира на позајмување дома или од странство, само дека каматите во моментов биле поволни.
Трите сета мерки досега тежеа 550 милиони евра, но кај фирмите се слеале само 150 милиони. Битиќи не можеше да ја наведе конечната сума, но тврди дека преку кредитните линии и државните гаранции, помошта за стопанството досега била многу поголема. При крај е подготовката на ребалансот на буџетот кој ќе се презентира до крајот на неделава. Преку него, треба да се скратат програми кои не се реализираат според предвидената динамика вклучувајки ги и капиталните инвестиции. Засега Владата предвиде само 240 милиони евра од сегашниот буџет за финансирање на 4-тиот пакет мерки кој „тежи“ речиси половина милијарда евра. Со ребалансот треба да се обезбедат 160 милиони евра.
Компаниите ќе добијат помош за исплата на плати за октомври, ноември и декември ако прикажале загуба поголема од 30% во периодот од април до август споредено со истиот период во 2019-та.. Треба да се поделат и 283 илјади платежни картички. Од нив 180 илјади се пензионери со примања до 15.000 денари кои ќе треба сами да си ги подигнат картичките од банка, што повторно ќе предизвика метеж пред експозитурите. И покрај тоа што ги нема во најавените мерки, Битиќи напомена дека се преговара со извршителите за повторно да се одложат обврските на граѓаните.
Тања Попова